| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски и Вељановски го прифатија предлогот на Иванов

Премиерот Никола Груевски и првиот парламентарец Трајко Вељаносвки ја прифатија иницијативата на претседателот на државата Ѓорѓи Иванов да се формира експертска комисија за настаните од 24 декември. Предлогот го поддржа и Европската комисија, а само СДСМ го одби

101466331
Премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прифатија иницијативата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за формирање објективна непартиска експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година, во и пред Собранието на Република Македонија, но и за настаните кои претходеа.

Груевски, како што вели во одговорот до претседателот Иванов, ја прифаќа иницијативата и покрај тоа што, како што посочува, во предложениот состав опозицијата треба да има два, а владејачкото мнозинство еден член, како и покрај предлогот во комисијата да има претставник и на меѓународната заедница, што, според него, не е најдобро одбран пристап за легитимација во една суверена и самостојна држава.

– Дозволете да се заблагодарам на вашата иницијатива да се вклучите во процесот, но притоа и со жалење да констатирам извесна доза на дискриминација за нас, и тоа во поглед на застапеноста во комисијата, затоа што се предлага двајца претставници во комисијата да ги предложи опозицијата, а само еден владејачкото мнозинство.  Исто така сметам дека треба да се земе предвид, а вие тоа добро го знаете, дека учество на претставници на меѓународната заедница во комисии кои треба да се осврнат на домашни внатрешно политички работи не е најдобро одбран пристап за легитимација во една суверена и самостојна држава, и таквиот пристап не соодејствува со нашите принципи, вели Груевски во одговорот на иницијативата на претседателот Иванов.

Но сепак, додава премиерот Груевски, и покрај овие забелешки, а имајќи го предвид моментумот и сакајќи да покажеме конструктивност и отвореност и гледајќи ја улогата на меѓународната заедница од аспект на нејзината поддршка на интегративните процеси, а нејзиното учество во комисијата како извесен мониторинг на случувањата, ние немаме што да криеме, сме подготвени за дијалог и за расветлување на вистинските случувања.

– Сакам да потенцирам и дека фактот што СДСМ во многу краток рок ја одби оваа ваша иницијатива говори само за нивната одговорност или подобро кажано неодговорност кон граѓаните и државата, и го потврдува она што ние го велевме и она што сите го знаат и на сите им е јасно, а тоа е дека ова е само сценарио на Бранко Црвенковски за создавање на хаос во државата, сценарио преку кое што тој смета дека би можеле да се остварат неговите лични цели и интереси. Ние со овој гест на прифаќање на Вашата иницијатива, ги покажуваме нашата отвореност и подготвеност за дијалог и нашиот одговорен однос кон граѓаните и државата, вели македонскит премиер.

Иницијативата денеска ја поддржа и претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.

– Ве известувам дека ја поддржувам секоја иницијатива која може да допринесе за продолжување на политичкиот дијалог и повторното  работење на Собранието на Република Македонија во полн состав, и која може да помогне во утврдувањето на фактите и градењето на мерките на доверба меѓу политичките субјекти застапени во Собранието на Република Македонија, вели Вељаноски во одговорот до Иванов.

Добро е, додава претседателот на македонскиот Парламент, иницијативите за разрешување на актуелните политичките случувања да почиваат на добрата волја и да бидат комплементарни со нашите востановени парламентарни приоди и постапувања за политичките спорови и инциденти кои не можеле да се разрешат по пат на редовен парламентарен политички дијалог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top