Охридскиот маратон денеска ќе се плива по 27-ми пат. Стартот е закажан за 12 часот, а ќе учествуваат 28 пливачи во двете конкуренции.
Македонија ќе има четворица пливачи Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев, Дејан Младеновски и Александар Илиевски, додека во женска конкуренција нашата земја нема да има своја претставничка.
Оваа година на маратонот нема да учествува ниту Петар Стојчев, кој ја заврши кариерата, но 11-кратниот победник и рекордер на патеката (5:19:30.35 часа), ќе биде присутен во Охрид, Бугаринот ќе биде дел од тимот на Томи Стефановски.
Стефановски, кој оваа сезона има одлични резултати во маратонското пливање, неодамна победи и на трката во Сен Жан (Канада) е еден од фаворитите за висок пласман. Големи амбиции има и Евгениј Поп Ацев кој минатата година маратонот го заврши на петтото место.
Охридскиот пливачки маратон може да даде многу одговори кога во прашање е генералниот пласман во машка конкуренција, лидер е Аргентинецот Дамјан Блаум со 55 бодови, 11 повеќе од Италијанецот Симоне Ерколи, додека македонските пливачи Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев ја делат третата позиција со по 43 бодови.
Во женска конкуренција на првото место во генералниот пласман се наоѓа Русинката Олга Козјдуб со 91 бод, Естер Нуњез од Шпанија е втора со 60, а трета е Аргентинката Пилар Гиехо со 56 бодови.
Трката ќе се плива на патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до градското пристаниште во Охрид, патеката има должина од 30 километри.
За безбедноста, регуларноста на маратонот и здравјето за маратонците ќе се грижат педесет чамци, три лекарски екипи, делегати од ФИНА во соработката со охридската полиција и капетанијата.
Покровител на Охридскиот пливачки маратон претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


