Старото и гордо Пајко маало, некогаш најголемо и најпознато во Скопје, со години грижливо го чува извориштето на спокој и на мир на македонската метропола. Длабоко во центарот на градот, во соседство на Македонската академија на науките и на уметностите и на Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“, на левиот брег на по малку изнемоштениот Вардар, и на почва плодна со мистика и со легенди, по долгогодишна суша повторно живее домот на заштитничката на Скопје.
Црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“, по бурни премрежиња и драмски заплети, со својот редок катедрален облик за поднебјето, и денес го обременува главниот град со мистериозна посебност. Скокотливиот мирис на темјан и на крстено вино, од некогашниот соборен храм, повторно препознатливо го опива развигорецот што патува дури од Шара за да ги разгали срцата на скопјани, кои веруваат во својата заштитничка Богородица.
Светата земја засекогаш ќе остане света – едногласни се жителите на метрополата.
И, навистина. Приказната за црквата „Света Богородица“, за последен пат возобновена во 2008 година под патронат на поранешниот скопски градоначелник Трифун Костовски, личи на древна живописна разгледница од која многумина ги полазуваат морници.
– Тоа не е обична приказна. Се раскажува со децении. Едно време бевме заробени во немилосрдните канџи на тишината на системот, но и тогаш сѐ беше јавна тајна. Сите обиди за изградба на каков било друг објект на земјиштето на кое денес се наоѓа црквата во минатото мистериозно завршуваа неуспешно. Сѐ уште има живи сведоци на необјасниви случки и настани, кои како повикани од молитвите на верниците ја спасувале светата земја и во крајно безнадежни ситуации – раскажуваат дел од редовните посетители на православниот верски храм во срцето на Скопје.
Темелите на преубавото камено здание во 1204 година ги поставил македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс. Изградбата ја довршил неговиот син Срез десет години подоцна. Црквата „Света Богородица“ во тоа издание постоела дури до 1688 година. Несреќата, која, навидум, ја добила битката со светата земја се случила со спалувањето на Скопје од страна на австрискиот генерал Пиколомини, кога по преданијата била урната од страна на турската војска.
Но, и тогаш, како и сега, скопјани силно верувале дека на црковното место се наоѓа домот на заштитничката на градот и дека на левиот кеј на Вардар никогаш нема да вирее ништо друго освен црква.
И вистина. Возобновена во 19 век, па спалена и брутално ограбена од окупаторите во 1944 година и, конечно, збришана од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, по долгогодишно искушеничко патешествие за Скопје, „Света Богородица“ денес од истото место и со препознатлив и автентичен изглед, според верувањата, го штити градот од несреќи.
– Потврдата на долгогодишните верувања дека Богородица истрајно го штити Скопје се случи во времето на комунизмот. По земјотресот тогашната власт реши да не гради повторно црква на истото земјиште туку да изгради културен дом. И кога сите мислевме дека комунизмот е на пат да ја пресече главната аорта на мирот на Скопје, преку ноќ почнаа да се случуваат чуда. Ниту булдожерите и почетокот на градбата не ја избркаа Богородица од местото што ѝ припаѓа. Од нејзиниот дом, во нејзиниот град.
Што и да ѕидаа навечер, наутро мистериозно беше урнато. Работниците беа преплашени од случувањата, а многумина завршија со сериозни повреди и одбиваа да работат.
Двајца, за жал, и загинаа, врз нив, необјасниво, се урнаа тазе изградените темели, и тоа се чини беше знак за властите да се откажат од намерите да го вознемируваат светото место – со возбуда и носталгија ја раскажува познатата приказна дедо Вељо од Скопје, сведок на, како што вели, чудото на света Богородица.
– И тоа е таа приказна за заштитничката на Скопје – вели тој. Приказна за катедралната убавица, која и денес е дом на заштитничката на главниот град. Но, и дом на многу веселби, крштенки, прослави и по некоја солза на скопјани.
Приказна за необјаснивото и за чудното, но не и за невозможното. Приказна за илјадници скопјани на кои на сон им се појавила светицата и им го покажала светиот храм. Приказна за исконскиот стремеж кон духовен мир и за патот до него распослан со мистерии и со преданија, итроштини и вонвременски случувања. И приказна за скопјани, кои под ореолот на света Богородица помирно спијат.
Приказна за Скопје. Кое во себе себично чува илјадници мистерии. И кое уште помистериозно е чувано. Од срцето на Пајко маало.
Изобилство од легенди и информации за историјата на „Света Богородица“
Во една од легендите за црквата „Света Богородица“ се раскажува дека на местото на кое таа за првпат била подигната во 1835 година имало траги од некоја претходна црква од средниот век. Во времето кога била градена во Скопје имало уште само две мали цркви и тоа денешната „Свети Димитрија“ кај Старата чаршија и „Свети Спас“ во старото Еврејско маало.
До 1830 година во Скопје значително се зголемувал бројот на православното население. Тоа се доселувало од околните села, како и од поблиските градови, така што црквите станале тесни за многубројните верници. Локациите на кои се наоѓале овие две цркви биле несоодветни затоа што околу нив имало турско население, односно граѓани со друга вероисповед.
Турците не дозволувале да се поправаат црквите, така што не доаѓало предвид да се прошируваат. Во ова време била подигната и скопската катедрална црква „Св. Богородица“. Прашање е дали таа би била толку брзо и лесно изградена ако тогаш во Скопје на чело на „православието“ не биле двајца многу енергични, храбри и истрајни луѓе: митрополитот Гаврил и скопскиот првенец аџи Трајко Хаџи Дојчиновиќ, а од големо значење било и тоа што во управата на Скопскиот пашалак се наоѓал Хавзи-паша, ретко писмен муслимански првенец во тие времиња.
Според кажувањата на скопјани, на местото каде што била изградена црквата „Св. Богородица“ имало каллива ледина. аџи Трајко со неговите успеал да ги „излаже“ муслиманските првенци така што една ноќ на тоа место пренел тули и отпадоци од старата црква „Св. Спас“, која тогаш била во лоша состојба, ги закопал в земја заедно со стара икона на Св. Богородица и кога Ханзипашината „комисија“ го нашла тоа се уверила дека некогаш тука, навистина, постоела црква.
Црквата „Св. Богородица“ била градена со голема љубов. Аџи Трајко бил најголем дарител и нејзин прв ктитор. Постојат веродостојни податоци за тоа кога, од кого и како е градена „Св. Богородица“. Комплетно ја изградиле тогашните врвни најдобри мијачки градители, фрескоиконописци, копаничари-резбари од Мијачко: Папрадиште, Тресонче, Галичник, Гари и Осој, односно најдобрата градителска тајфа – прочуената фамилија Рензовци, денес Зографовци, кои кон крајот на 17, во 18 и на почетокот на 19 век биле познати како неимари – стои во дел од списите за историјата на црквата-заштитничка на Скопје, која во одреден период служела и како училиште во кое даскалувал Јордан Хаџи Константинов – Џинот, еден од зачетниците на просветителството во Македонија.
По неколку несреќи, скопјани се смириле под закрилата на Богородица
По неколку катастрофи во градот, пожари, земјотреси и слично, а поради тоа што празникот Успение на Пресвета Богородица го празнувале надвор од Скопје, на Матка, жителите на главниот град дошле на идеја да си изберат заштитник.
Во тоа време во градот немало црква посветена на Богородица и така паднал изборот на светицата под чијашто закрила се смирило Скопје.
Главниот град денес има неколку храмови посветени на мајката на синот Божји. Манастирската црква во Матка, црквата „Света Богородица“ во селото Ракотинци, црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“ на средно Водно и манастир посветен на заштитничката на Скопје во селото Побожје.
Текст објавен во 3. број на неделникот Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.