Една од фудбалските икони на Реал Мадрид, Раул Гонзалес, го одигра прошталниот меч во белиот дрес на „кралскиот клуб“, а навивачите му приредија спектакуларен пречек и прекрасна атмосфера за време на дуелот со Ал Сад. Тоа е составот за кој моментно настапува Раул, а победи неговиот матичен клуб Реал.
Извонредниот напаѓач беше бурно поздравен на преполниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, а кулминацијата се случи во 22 минута кога Раул покажа дека сѐ уште е фудбалски мајстор. Одлично реагираше на асистенцијата од Анхел ди Марија и со мајсторски потег ја матираше одбраната на Ал Сад за водство на Реал од 1-0. Тоа беше и резултатот на полувремето, а за одбележување е гестот на капитенот на „кралевите“ Икер Касилјас, кој му ја даде капитенската лента на долгогодишниот соиграч на стартот од дуелот.
Во второто полувреме Раул играше за Ал Сад, а тој дел од мечот заврши со резултат 4-0 за домаќините за конечна победа од 5-0 на најтрофејниот европски клуб.
Имаше и по некоја солза од легендата на Реал Мадрид, а Раул ќе остане вечно во срцата на навивачите на овој клуб, но и на сите останати кои го ценат големиот голгетер и голем спортски џентлмен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







