| четврток, 6 декември 2018 |

Швајцарија воведува „апартхејд“ за азилантите

Барателите на азил не можат да одат на игралишта, базени и цркви и други 29 локации

Швајцарските локални власти воведуваат рестрикции во стилот на апартхејд, со кои на бегалците им се забранува пристап до детски игралишта, базени, библиотеки и други локации во кои можат да се сретнат со други Швајцарци. Овие драконски мерки групите за човекови права ги нарекуваат расистички.

Мерките се преземени во градот Бремгартен, западно од Цирих, каде што барателите на азил од новиот центар отворен минатиот месец имаат забрана да посетуваат фреквентни јавни локации.

Забраната важи за 32 „забранети зони“. Градоначалникот на градот вели дека одлуката е донесена за да се спречи конфликт со локалните граѓани и да се намали можноста од користење дрога. Одлуката на локалните власти ја поддржал и федералниот министер за имиграција, Марио Гатикер, според кого мора да постојат правила за да се обезбеди мирна коегзистенција меѓу жителите и барателите на азил.

На одлуката се спротивстави невладината организација „Совет за бегалци“, кои ја оценија како нетолерантна и нехумана, по што побарале властите да ја повлечат.

На невладините организации што сметаат дека мерките се дискриминаторни им се спротивстави и градоначалникот на соседната општина на Бремгартен, Менцинген, според кого азилантите не смеат да дојдат во контакт со младите ученици од машки и женски пол.

Швајцарија е водечка земја во Европа според бројот на баратели на азил, при што на еден бегалец доаѓаат 332 жители, додека на европско ниво тој број е 625. Вкупно 48.000 бегалци во моментов бараат азил во оваа земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top