
Грчкиот премиер Андонис Самарас во септември повторно ќе отпатува во САД, но овој пат со него ќе замине и заменик-премиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, јави дописникот на МИА од Атина.
Самарас во Њујорк ќе учествува на генералното собрание на ОН, а на маргините на состанокот ќе се сретне со повеќе светски лидери што се смета за добра можност да направи многу контакти за кратко време. Самарас, исто така, ќе отпатува и во Вашингтон, но овој пат нема да има средба со американскиот претседател Барак Обама, но ќе има можност да се сретне со членови на Сенатот и на Конгресот, со кои на последната посета не разговараше поради годишните одмори. Грчки дипломатски извори откриваат дека на средбите ќе се покренат и чувствителните национални прашања, како што се Кипар и името на Македонија со цел официјална Атина да ја добие „понекогаш неопходната поддршка од законодавците кои имаат влијание во Белата куќа и Стејт департментот, со оглед на тоа што претседавач на Комисијата за надворешни работи на Сенатот е Роберт Менендез“.
Менендез инаку е најгласен поддржувач на политиката на Грција кон Македонија во американскиот Сенат. Извори од ПАСОК, пак, откриваат дека Венизелос е задоволен од резултатите од средбата Обама-Самарас и смета дека средбите во Вашингтон им дале поттик на грчко-американските односи. Истите извори тврдат дека Венизелос најверојатно ќе се сретне со Џон Кери на маргините на Генералното собрание на ОН кое ќе се одржи последната седмица од септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


