| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас следниот месец повторно оди во САД по поддршка за спорот за името

antonis samaras

Грчкиот премиер Андонис Самарас во септември повторно ќе отпатува во САД, но овој пат со него ќе замине и заменик-премиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, јави дописникот на МИА од Атина.

Самарас во Њујорк ќе учествува на генералното собрание на ОН, а на маргините на состанокот ќе се сретне со повеќе светски лидери што се смета за добра можност да направи многу контакти за кратко време. Самарас, исто така, ќе отпатува и во Вашингтон, но овој пат нема да има средба со американскиот претседател Барак Обама, но ќе има можност да се сретне со членови на Сенатот и на Конгресот, со кои на последната посета не разговараше поради годишните одмори. Грчки дипломатски извори откриваат дека на средбите ќе се покренат и чувствителните национални прашања, како што се Кипар и името на Македонија со цел официјална Атина да ја добие „понекогаш неопходната поддршка од законодавците кои имаат влијание во Белата куќа и Стејт департментот, со оглед на тоа што претседавач на Комисијата за надворешни работи на Сенатот е Роберт Менендез“.

Менендез инаку е најгласен поддржувач на политиката на Грција кон Македонија во американскиот Сенат. Извори од ПАСОК, пак, откриваат дека Венизелос е задоволен од резултатите од средбата Обама-Самарас и смета дека средбите во Вашингтон им дале поттик на  грчко-американските односи. Истите извори тврдат дека Венизелос најверојатно ќе се сретне со Џон Кери на маргините на Генералното собрание на ОН кое ќе се одржи последната седмица од септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top