| четврток, 6 декември 2018 |

На есенскиот Ден на дрвото ќе се засадат 200 палми и 5.250 леандри

den_na_drvo

Во претстојната есенска акција за пошумување „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, ЈП „Македонски шуми“ планира да засади 4 до 5 милиони садници на површина од повеќе од 1.035,23 хектари.
Пошумувањето ќе се реализира од почетокот на октомври се до моментот на поволните климатски услови. Се планира да се засадат 38.930 садници по општините, 60.350 садници лисјарски и иглолисни дрвни видови во Скопје, 200 палми во Охрид и во Дојран, 5.250 леандри во Дојран и дополнување на средишниот дел од делницата на автопатот Богородица – Смоквица, 10.000 аризонски чемпрес во средишниот дел на автопатот Скопје – Куманово.

Од претпријатието велат дека до сега се испланирани 3.750.680 садници, но нивниот број може да порасне до 6.517.400 колку што има во моментов поизведени садници во расадниците на „Македонски шуми“.
– Приоритетни за пошумување се опожарени површини – последица од шумски пожари, голини во шума и вон шума во склоп на „Шумско стопанските eдиници“, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини и локации покрај природни и вештачки езера на територијата на Република Македонија – соопшти денеска „Македонски шуми“.
Во зависност од местоположбата и почвените услови локалитетите за пошумување за есенската акција ќе се подготваат механизиранo во кордони (орање), рачна обработка на површините и изработка на дупки со моторни дупчалки. Изборот на дрвни видови за пошумување е во зависност од климатските услови, надморската височина и фенологијата на садниците.
Дел од општините ќе се приклучат на локациите што ги предвиделе „Македонски шуми“, а дел предложиле свои локации за садење.
– Оваа есен сакаме уште повеќе да ги мотивираме општините и граѓаните да се вклучат во пошумувањето за да се уредат хортикултурно поголеми урбани површини со декоративни садници (лисјари и четинари). За оваа цел нудиме повеќе годишни садници од над 75 дрвни видови (даб, питом и див костен, јасен, јавор, каталпа, дива маслинка, липи, смрека, чемпрес, црн орев, багрем, бреза, бор, дуглазија, туја и други) – велат од „Македонски шуми“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top