46.253 листопадни, зимзелени и грмушести садници се засадени на јавните површини на територијата на Град Скопје за само 4 години, во периодот од 2009 до 2013 година .
Градот непрекинато работи на зголемување на површините со зеленило, а веќе шеста година по ред ја спроведува и акцијата за доделување на бесплатни садници.
Досега, Град Скопје додели 10.000 бесплатни дрвца на куќните совети и на јавните институции, а изгради и хортикултурно уредени зелени површини од 223. 213 квадратни метри со поставена хидрантска мрежа.
Во рамките на програмата на Градот за уредување и одржување на јавните зелени површини, екипи на градот интензивно работат на уредување на повеќе зелени површини низ Скопје.
Во Градскиот парк и во парк шумите „Водно“ и „Гази Баба“ подигнати се нови зелени површини, со нови содржини и урбана опрема. Во парк-шумата „Гази Баба“ екипите пошумија 1,5 хектари со листопадни дрвја и засадија дополнителни 1. 000 големи садници.
Изграден е и новиот парк „Македонија” покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов”. Истиот се простира на површина од 30.000 квадратни метри, а збогатен е со трим-патека долга 700 метри каде се поставени спортски реквизити, слични како на кејот на реката Вардар.
Во паркот „Македонија” покрај чешмите за пиење вода и урбаната опрема, свој посебен дел имаат и милениците. Само во овој урбан парк се засадени повеќе од 300 дрвја.
Покрај дрвјата, Скопје го разубавуваат и цвеќиња. Милион цвеќиња се засадени на јавните површини на повеќе локации низ Градот. Проектот „Цветно Скопје“ има цел да го разубави Скопје и да ја потврди грижата за просторот и за животната средина.
Нови цветни леи се формирани во Градскиот парк, кај Зоолошката градина, во зеленилото на булеварите Илинден, Свети Климент Охридски и Александар Македонски, кај тврдината Кале, во паркот во населбата Ѓорче Петров, кај клучката „Континентал“, во жардиниерите на кејот на Вардар и на многу други локации.
Секоја година по повод Денот на пролетта, Градот засадува и по 1 милион цвеќиња на зеленилото околу булеварите и улиците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.