Групата „Македонски манифест“ со палење на копии од Букурешкиот договор на плоштадот „Македонија“ во Скопје ја одбележа 100-годишнината од потпишувањето на договорот со кој Македонија беше поделена по завршувањето на Балканските војни.
Групата апелираше за национално единство и спречување на евентуален нов Букурешки договор преку преговорите за името.
„Наше основно прашање на овој црн јубилеј е како да се одбраниме од вампиризмот на новиот Букурешт на истите европски сили, кој сака да не докрајчи, сега со замисленото менување на името. Одговорот е само со цврсто национално единство, храброст и самопочит, доблести кои, за жал, денес ги имаат само уште малите и столчени, а не империјалните и суетни народи. Ние групата Македонски манифест за таа цел, под мотото „Името е нашата татковина“, го повикуваме македонскиот народ на единство и натпартиска слога и свест. Го повикуваме да се разбуди и цврсто да застане во исконот на својот идентитет, од кој впрочем и никогаш не излегол, да се побуни против неговата изолација од срамните преговори за името и да им каже не на сите што прават сметка во крчма без него“, рече поетот Ефтим Клетников, член на Иницијативниот одбор за формирање на групата Македонски манифест.
Клетников објасни дека палењето на копиите од договорот значат негово прогласување за ништовен за нив и дека треба да се спротивставиме на оние кои „сакаат на најперфиден начин да не ликвидираат“.
„Мали сме, но не ни недостига храброст и нема да дозволиме безгласно да бидеме ликвидирани како страшливци и малодушници. Ќе се бориме до последниот атом на духот и на силите. Ќе им кажеме на сите сегашни и идни букурешки договори кон Македонија: Смрт! Нашата порака со палењето на кобниот Букурешки договор е упатена до сите моќници што сакаат да не уништат“, рече Клетников.
Групата „Македонски манифест“ бара прекинување на преговорите за името сметајќи дека целта на овој спор е бришење на Македонците како посебен народ.
Букурешкиот договор е склучен на 10-ти август 1913 година со кој што беа завршени Балканските војни, а територијата на Македонија беше поделена на соседните Грција, Бугарија и Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се расчистува случајот со палење на грчкото знаме на протестот во Скопје
-
Пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин: Повисок раст, повеќе инвестиции, поуспешни претприемачи
-
Интеграција во едно општество: Граѓаните се срцето на нашиот Устав
-
„За Заедничка Македонија” оставија Манифест во канцеларијата на Иванов



