| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците „луди“ по интернет

Продолжување на  трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот, а драстично намалување на приходите од говорните услуги, покажуваат резултатите од првата половина на годината за работењето на Македонски телеком и на Те-мобиле Македонија.

И покрај негативните трендови Македонски телеком и Те-мобиле остануваат на водечката позиција на домашниот пазар, се вели во соопштението на групацијата. Според интерните процени, Македонски телеком зазема 71 процент од пазарот во сегментот на фиксна телефонија и 53 проценти во широкопојасен интернет.

Приходите на ниво на групацијата во текот на првото полугодие на 2013 година изнесуваат 6,3 милијарди денари (околу 102 милиони евра) што претставува намалување од 9,2 проценти во споредба со истиот период лани, додека нето-добивката е намалена за 39,5 проценти и изнесува 1,1 милијарди денари (17,8 милиони евра).

Приходите од интернет и од дигитална телевизија преку интернет-протокол (IPTV) се зголемија за осум проценти во споредба со првото полугодие од минатата година. Фокусот на double и triple play пакетите донесол зголемување на DSL корисниците за 10 отсто со што корисничката база на DSL на крајот од јуни 2013 година достигнала 180.000 корисници.

Корисничката база на IPTV услугата на Македонски телеком во вториот квартал достигна број од 80.000 корисници, што е зголемување од 58 проценти во споредба со крајот на јуни 2012 година.

Оперативните расходи, во првото полугодие од 2013 година остануваат релативно стабилни во споредба со истиот период минатата година, се наведува во соопштението објавено во петокот.

И Те-мобиле Македонија останува лидер на пазарот со 48,1 проценти учество според интерните податоци. Намалувањето на приходите се должи на намалувањето на приходите во говорните малопродажни услуги. Но, и  покрај силната конкуренција, корисничката база на Те-мобиле на крајот на јуни 2013 година е 1,2 милиони корисници, стои во соопштението

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top