Патниците се жалат на кодексот Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје. Во автобусите не е дозволено да се влегува со полни колички за пазар, па пензионерите раскажуваат дека им се случувало контролори да не им дозволат да го продолжат возењето кога ги виделе дека носат колички со тркалца, полни со продукти. Други скопјани раскажуваат дека биле опоменати дека во автобусите не смеат да се возат со куфери кон Железничката станица или Меѓуградската автобуска станица или од неа, пишува „Дневник“.
Марија Kрстевска, 78-годишна пензионерка, неодамна се возела во автобус со број 4 и била изненадена кога контролорот ја опоменал дека повеќе не смее да се вози со полна количка.
– Kонтролорот ми покажа натпис во самиот автобус, на кој пишува дека е забрането да влегувам со таква торба. Досега никој не ми кажал таква информација. Но, и да е така, не можам да сфатам зошто бидејќи јас сум постара, болна и не можам да носам тешки кеси в раце. Ако не смеам да се возам со торбата во автобус, како ќе си набавам продукти од пазар? Скапо ми е да одам на пазарување со такси – го раскажа таа своето искуство.
Од одделението за односи со јавност во претпријатието велат дека овие мерки се во рамките на Kодексот за патниците. Тој е објавен на интернет-страницата на ЈСП и граѓаните може да се информираат за тоа како треба да се однесуваат додека го користат јавниот превоз. Надлежните нагласуваат дека се свесни дека многу патници не се запознаени со Kодексот, па затоа контролорите не ги казнуваат, туку им посочуваат другпат да не влегуваат со колички и со друг габаритен товар, кој не одговара на димензиите што се дозволени.
Од ЈСП велат дека ги разбираат незадоволните граѓани поради овие правила, но објаснија дека не ги измислило раководството на претпријатието, туку, напротив, истите важат во јавниот превоз во многу европски земји. Дозволените димензии на личен багаж не смеат да бидат поголеми од 100 на 60 на 25 сантиметри и потешки од 30 килограми. Исто така, забрането е носење оружје, високозапаливи, експлозивни, отровни и други опасни материи, како и предмети што можат да го загрозат животот и здравјето на патниците и на возачите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.