| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија го чествува Илинден

mak-znameДвата историски Илиндена – 110 години од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ денеска се одбележуваат со големи народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.

На централното чествување во Крушево ќе се обрати претседателот на Владата, Никола Груевски, кој е покровител на годинашната манифестација „Десет дена Крушевска Република“. Делегацијата во која се и министрите Никола Попоски и Фатмир Бесими, ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржи големиот народен собир.
На чествувањето во Крушево, како и секоја година, ќе учествуваат  и коњаниците на традиционалниот Илинденски марш кои тргнаа од скопско Горно Лисиче кон Крушево.
Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август и ќе биде заокружена на Гумење со церемонија на спуштање на бајракот и стрелба за хероите на Илинден и Крушевската Република.

Во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановско Пелинце, каде што исто така ќе се одржи народен собир, ќе присуствува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а Владата ја претставуваат министрите Владимир Пешевски и Сафет Незири.

Во Скопје претседателот на Собранието Трајко Вељановски ќе положи цвеќе и ќе се обрати пред споменикот на Методија Андонов- Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ. Цвеќе ќе биде положено и пред спомениците на Никола Карев и пред АСНОМ. Во владината делегација се Елизабета Канческа -Милевска и Талат Џафери.

Денеска традиционално, во битолското село Трново се одржува 42 Светска македонска средба организирана од Светскиот македонски конгрес, Матицата на иселениците и Сојузот на македонците од Егејот „Македон“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top