Првиот повик до охридската полиција за спасување на двајцата скопјани што утрово во 5 часот беа пронајдени по 9 часа престој во водите на Охриско Езеро се случил вчера во 20 часот и 25 минути.
Нивните другари, кои забележале дека двете момчиња не се враќаат кон брегот иако веќе почнало да се стемнува, се јавиле во охридската полиција и побарале помош од неа.
Веднаш по тоа јавување, МВР Охрид добила уште едно јавување кое дошло од нивни другари кои биле на глисер и го виделе чамецот „Маестрал“, но не можеле да пријдат до нив затоа што немале гориво во резервоарот.
Нивните другари од глисерот забележале дека двете момчиња се во паника и дека не успевале да се справат со силната струја која ги носела во правец на Свети Наум.
Веднаш потоа, во координација со албанската полиција, охридската полиција и езерската полиција почнале заедничка акција, во којашто биле користени и термокамери.
Македонската полиција се фокусирала на квадрантот кој ја покрива локацијата од Лагадин, па до Свети Наум.
Загубените туристи во себе немале никакви сигнални уреди ниту мобилни телефони за да можат да ја јават својата приближна локација и со тоа значително ја отежнале операцијата за спасување.
На чамецот владеела паника откако момчињата не успеале да ја совладаат силната струја, којашто без контрола ги носела кон автокампот „Градиште“ и понатаму кон Свети Наум.
Одисејата на двајцата млади скопјани завршила околу 5 часот изутрината кога во месноста Заум во близина на манастирот „Света Богоиродица“, кога дошле до педесетина метри од брегот, со последните сили успеале да извеслаат до копното, каде дошле во контакт со брачна двојка, по што биле пронајдени од охридската полиција.
Спроед извештаите во моментите кога биле пронајдени биле во добра здравствена состојба но биле исцрпени затоа што со часови вложувале надчовечки напори за да се справат со силните струи, бранови и ветар коии ги следеле од 19 часот кога кај автокампот „Елешец“ влегле во охридското езеро.
Пред два месеци Охридската полиција во слична акција по 4 дена откако го напуштиле автокампот Градиште успеа да пронајде група Унгарски туристи кајакари кои што беа пронајдени речиси на средина на езерото. Барањето за полициска асистенција тогаш дошло од управата на автокампот Градиште која се загрижила што Унгарците неколку дена не се враќаат во своите шатори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.