Поскапе пајакот на Општина Центар, пишува денешен „Вест“. Наместо 1.000 денари, сега казната за плаќање на лице место, веднаш штом пајакот го подигне возилото е 1.500 денари. Останува иста цената, 2.500 денари, за подигање на возилото од депото на ЈП “Паркинзи Општина Центар”.
“Поскапувањето е поради зголемените трошоци на пајак службата. Со овие измени се изедначуваме со цените кои ги има пајакот на ЈП “Градски паркинг”, вели Саша Богдановиќ, директор на ЈП “Паркинзи Општина Центар”.
Освен пајакот поскапа од наредниот месец ќе биде и месечната карта за вработени лица. Наместо сегашните 500 денари, вработените кои паркираат во реоните со кои стопанисува општинското претпријатие ќе плаќаат 800 денари. Директорот Богдановиќ вели дека решиле да ја зголемат цената на оваа услуга поради големиот број барања за ваков вид карта, односно поради немањето доволно простор за паркирање за деловните субјекти.
“Најважно е дека од овие поскапување не се засегнати жителите на центар. За нив и понатаму важи бесплатното паркирање секаде низ општината, каде што претпријатието има паркиралишта. Исти ќе останат цените и за паркирање на неколку часа, и тоа 40 денари час во прва зона и 30 денари час во втора зона”, додава Богдановиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


