| четврток, 6 декември 2018 |

„Битола Шекспир фестивал“ стана препознатлив бренд за градот

Со одличната изведба на претставата „Ричард Трети“ на Националниот театар од Кина синоќа на локалитетот Хераклеја беше заокружено првото издание на „Битола Шекспир фестивал“. Претставата, која е во режија на Ванг Ксиаојинг, понуди поразлична естетика со запазување на традиционалните вредности, а битолската публика со громогласен аплауз ја награди актерската игра на бројниот анасамбл, кој за првпат се претстави во Република Македонија.

IMG_2452

На завршната средба со новинарите директорот на Народниот театар од Битола, Валентин Светозарев, сумирајќи ги резултатите од првото издание, истакна дека со одржувањето на „Битола Шекспир фестивал“ се создаде нова културна манифестација со светски предзнак и ако досега Битола ја препознаваа по фестивалот „Браќа Манаки“,  отсега ќе се препознава и по „Битола Шекспир фестивал“.

– Ќе треба долго, навистина долго, време да зборувам што сѐ направивме подготвувајќи го фестивалот, но тоа го направивме за нивното величество, гледачите. Регистриравме максимална посетеност на сите претстави, што значи селекцијата беше правилна и тоа ни дава за право да почнеме со подготовка на следното издание за фестивалот да стане традиционален, а со тоа Битола да добие уште еден обележје, а тоа е белегот на Шекспир – истакна Светозарев. Тој им се заблагодари на медиумите, на Министерството за култура и Општината Битола за поддршката на овој фестивал и најави дека одржувањето на оваа манифестација резултираше со неколку конкретни проекти, меѓу кои се и гостувањето на битолскиот театар во Пекинг, каде што во октомври наредната година претставата „Хенри Шести, трет дел“ во режија на Џон Блондел ќе биде изведена на реномиран меѓународен фестивал посветен на одбележувањето на 450 години од раѓањето на Шекспир.

IMG_2277

Во рамките на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“, публиката која во Битола ја имаше во голем број проследи претстави од САД, Србија, Русија, Финска и Кина, а гости на фестивалот беа еминентни театарски експерти и професори, меѓу кои и извршниот продуцент на „Глоуб театарот“ во Лондон, Том Брд, професорот на Универзитетот Њу Брансвик во Канада Рандал Мартин, познатата режисерка во театарот „Таганка“во Москва Рената Сотироиди и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top