51 албански државјанини биле приведени рано изутрина во акциска контрола на полицијата во Тетово, откако било утврдено дека во Македонија престојувале нелегално.
Во контролата спроведена на 10-ина различни локации во Тетово и Гостивар биле откриени 32 лица во Тетовско и 19 во Гостиварско. Албанските државјани, од кои повеќето се од градовите Кукс, Либрешт и Пешкопеа, се на возраст од 17 до 57 години. Поголемиот дел од нив извршувале градежни, полски и други физички работи, но го немале регулирано престојот во земјава.
Од СВР Тетово информираат дека против нив ќе бидат поведени прекршочни постапки и ќе бидат депортирани во матичната земја.
Во контрола на полицијата во две пекарници во Тетовско, пак, биле затекнати четири лица од Косово за кои било утврдено дека работат „на црно“, по што биле депортирани. Вчера, исто така, во Гостивар биле затекнати и две албански државјанки кои по поведените постапки биле депортирани во матичната земја.
Во изминатава половина година во шест контролни акции во Тетовско и Гостиварско полицијата открила 98 странски државјани со нерегулиран статус кои се депортирани во матичните земји
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


