| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски: 1,6 милиони евра наместо за чување на спомениците ќе одат за ново училиште во Капиштец

Граѓаните на Центар нема да плаќаат 1,6 милиони евра за чување, заштита и користење на спомениците и фонтаните од проектот Скопје 2014 за наредните 4 години. Како што изјави градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, тој е горд на оваа заштеда.

“Сериозна работа е 400.000 евра да се плаќаат за одржување на спомениците и фонтаните, особено што наследив празен буџет. Овие пари ќе бидат наменети за новото училиште во Капиштец. Со ова се реализира предизборното ветување. Моја заложба е парите да не одат во споменици и фонтани туку во образованието.“, рече Жерновски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се продолжи со поставување на споменици од проектот Скопје 2014 и дали меѓу нив се 4 споменика на албанските херои, Жерновски посочи дека имал средби со ИВЗ и со претставниците на ДУИ и дека на сите им е јасно кој сака да провоцира и кој намерно ги остави овие споменици.

“Нема ништо да преземам ново, но нема да стопирам нешто што е започнато. Никогаш не сум рекол дека ќе уривам нешто и никогаш не сум ги делел спомениците од историјата на македонскиот народ и другите заедници, но нови проекти од Скопје 2014 нема да има.“, дециден е градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top