Пред вечерашниот настап во предворјето на црквата „Света Софија“, во рамките на годинашниот фестивал „Охридско лето“, виртуозот на хармоника Ришар Галијано изјави:
– Мислам дека сум почнал да свирам хармоника уште пред да се родам. Почнав да свирам на 3-годишна возраст, а хармониката која сега ја користам е во моите раце повеќе од 50 години. Ја добив на подарок од мојата баба. Со неа ги свирам сите видови музика. Ми овозможува да свирам исправен и таа е како дел од моето тело.
Големиот уметник потенцира дека ја обожава македонската музика. Вели дека таа го плени. Местото каде што настапува му дава посебна инспирација.
– Македонската музика е навистина посебна, таа е музика која најмногу ме плени, но ниту најголемите уметници не можат да ја свират така добро како Македонците – рече Галијано.
Зборувајќи за своите постигнувања во неговата богата кариера, рече дека од мал сметал дека врвот ќе биде достигнат кога ќе издаде албум, но сега на 60-годишна возраст се чувствува исто, албум со класична музика е неговата цел.
„Публиката ја сака музиката која јас ја изведувам. Тоа не е некој натпревар со обоата, но може да се направи и друга верзија, музички многу интересно. Со хармониката ги составуваме сите делови и правиме еден комплекс од музиката“.
Галијано пред 30-тина години пробал да свири со електрична хармоника, но сфатил дека оргиналните инструменти даваат многу поакустична музика. Хармониката и обоата, како што рече големиот виртуоз, секогаш ќе бидат на посебно место, многу побогати, на ниво на емоциите и чувствата. „Електричната музика за мене е неподнослива“, рече Галијано.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


