Во рамките на Фестивалот „Охридско лето“ и годинава се одбележува „ Француска вечер на Фестивалот“ со учество на врвни уметници и ансамбли од Франција. Изминатите години исклучителни концерти реализираа, квартетот „Ардео“, камерниот оркестар „Тулуз“ заедно со диригентот и солист Жозеф Андре и пијанистот Антонио Сорија, потоа концертот за пијано насловен како Шопенова вечер со уметникот на пијано Жером Гранжон.
Годинава, кога се одбележуваат пет години успешна соработка меѓу Фестивалот „Охридско лето“, Францускиот институт Скопје, Амбасадата на Република Франција во Македонија и Охридска банка – Сосиед женерал груп, во црквата „Света Софија“ утре ќе се одржи концерт на музичкиот виртуоз на хармоника и бандoнеон Ришар Галијано и на „Тангарија квартет“.
– Со посебна чест и огромно задоволство овој мал јубилеј , но многу значаен за Фестивалот годинава ќе се одбележи со гостување на уметникот што ќе даде посебен придонес не само на ова 53. издание на Фестивалот туку воопшто во целата фестивалска историја. За првпат на Фестивалот настап на големиот виртуоз на хармоника и бандонеон Ришар Галијано, големиот пријател на Пијацола. Галијано е голем уметник, кој успеа хармониката и бандонеонот да ги донесе од поп-музиката во разнобојниот свет на класичниот оркестар. Концертот на кој ќе настапи заедно со „Тангарија квартет“, е насловен како „ Вечер на танго“ , изјави селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова – Неделковска.
Ришар Галијано во текот на својата долга музичка кариера, со карактеристичната јужнофранцуска Јoie de Vivre разви еден оригинален музички јазик, спојувајќи ги „новиот мизет“, танго нуево, силата на духовноста на Колтрејн и влијанието на постојано присутната француска традиција на медитерански шансони. Инспириран и восхитен од својот пријател Астор Пјацола, креаторот на танго нуево, Галијано успеа не само да го направи ова, туку со својот стил на „новиот мизет“ да вдахне нов живот во целата француска традиција, која изгледаше како да има застанато на едно место. Неговата убедливост, мајсторството на фразирањето и способноста да извлече широк спектар на тонски бои од хармониката придонесоа за рушење на бариери и правење жанровски пресек со овој инструмент. Воден од желба да го пренесе своето богато искуство, тој, заедно со татко му Лусјен, станува автор на метод на учење хармоника со кој ја освои наградата на SACEM (Друштво на автори, композитори, уредници во музиката) за најдобро педагошко дело во 2009 година. Во 2010 година, Ришар Галиано потпишува ексклузивен договор за снимање со признатата издавачка куќа „Дојче грамафон“ (Deutsche Grammophon) oд „јуниверзал“ (Universal).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.