Поминаа точно две години од смртта на британската пејачка Ејми Вајнхаус, која на 27-годишна возраст беше пронајдена мртва во својот стан во Лондон. Таа почина еден месец по неуспешниот концерт во Белград.
Обдукцијата покажа дека британската соул-дива, која долго време се бореше со зависноста од дроги и алкохол, починала од труење со алкохол. Со тоа светот загуби една од најталентираните пејачки од младата генерација. Во крвта на Еми Вајнхаус беше пронајдено ниво на алкохол што е за петпати повисоко од границата на пијанство.
По нејзината смрт се продадени 1,7 милион копии од нејзините албуми, а нејзиниот татко Мич Вајнхаус напиша книга со наслов „Ејми, ќерка“ (Amy, A Daughter), а заработката од мемоарите ќе биде ставена на располагање на фондот „Ејми Вајнхаус“, кој беше основан на 14 септември, роденденот на британската пејачка.
Вајнхаус е родена во северен Лондон во еврејско семејство, каде што ѝ била всадена љубовта кон џезот. Израснала во четиричлено семејство. Нејзиниот татко Мичел често пеел во домот, а уште почесто ѝ пеел Френк Синатра од старите плочи на малата Ејми, која толку се вљубила во музиката, што на наставниците им било многу тешко да ја натераат да престане да пее на час.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.