Лас Вегас продава копии затоа што нема реалност, тој бил пустина и е создаден од ништо, а вие имате автентични градби и немате потреба да продавате копии, вели Ашилс.
Познатиот американски професор Ролф Ашилс, кој предава на чикашкиот универзитет, престојува во Македонија и работеше на проектот „Едно училиште – еден споменик“ што го спроведе организацијата „Македонида“. Во рамките на проектот секое училиште „посвоило“ по еден споменик од околината на Скопје, а учениците ги изучувале избраните споменици на културата и креирале архитектонски, амбиентални, уметнички и историски содржини што ги нудат тие.
Не сте првпат во Македонија и ги познавате повеќето споменици на културата бидејќи често ги посетувате. Што посетивте овојпат и какви се Вашите впечатоци?
Ашилс: Во Македонија доаѓам за да видам нови работи и за да го видам македонското извонредно културно наследство, византиските фрески во црквите, но и џамиите. Вчера бев во Мустафа-пашината џамија, мошне позната џамија, во која не сум бил три години. Кога бев тука последен пат, џамијата беше затворена, но сега успеав да ја видам. Морам да кажам дека сега таа е поинаква. Со реконструкцијата ја загубила автентичноста и сметам дека се загубило сето тоа што вредеше во неа. Многу работа, а на крајот големи загуби. Што повеќе се работи, толку помал напредок има. Натписот што стои на предниот дел соопштува дека турската влада ја извршила реконструкцијата на џамијата, но сега таа изгледа како секоја џамија во Истанбул. Има бели ѕидови врамени со сина боја, а стилот е некаков „Сулејманов барок“ и сето тоа е погрешно. Џамијата не е таа што беше.
Реконструкцијата на спомениците на културата и ефектот од неа е огромен, било да е позитивен или негативен, затоа треба да се биде мошне внимателен на тоа поле. Што е најважно според Вас?
Ашилс: Тоа е како да сакате својот „ролс-ројс“ да го направите „фиат“. Ќе потрошите многу пари за тој да стане „фиат“ и ќе бидете горди на него. Тоа не се случува само во Македонија, се случува во целиот свет. Ќе стават нови прозорци, влегува повеќе светлина и одеднаш се менува атмосферата… Тоа го прават и во Америка. Јас не се согласувам со таквите потфати, кои се преземаат во сите свети места: синагоги, цркви, манастири, џамии. Јас работам на заштитата на автентичниот изглед и контекст на светите места. Автентичен е и „Дизниленд“. Лас Вегас е тотално автентичен, и тоа е сосема во ред. Но, кога на една стара зграда ќе ставите неонски светла и ќе ја обоите со различни бои, тешко да ѝ ја вратите автентичноста. Ваквите процеси се иреверзибилни и тоа е случај и во САД и во многу места во светот.
Сметате ли дека најголемата опасност доаѓа оттаму што секој сака да остави свој печат на објектите?
Ашилс: Сметам дека немаме право да ги правиме овие неповратни промени. Секоја генерација што доаѓа сака да ја пишува историјата, но тоа мора да биде со почит кон автентичноста на минатото. Таквите пориви мора да бидат темпорирани, ограничени. Секој рабин, поп, оџа сака да стави свој печат на верскиот објект, а тоа особено се актуализира во 19 и во 20 век, со развојот на индивидуализмот во западниот свет и со издигнувањето на индивидуализмот како концепт во западниот свет.
На туристите треба да им се фрли јадица
Нема потреба да се создава историја. Само треба да им се покаже на луѓето дека историјата е тука и дека таа е достапна. Треба да се фокусирате на седум споменици овде, три онде, пет таму… и туристите ќе посакаат да посетат што повеќе градови додека се во Македонија. Малку земји во светот го сфатиле вистинското значење на културниот туризам и тие имаат бенефит од тоа: Грција, Италија, Франција, Австрија, Чешка сѐ уште се обидува, Унгарија не го сфатила тоа. Зошто да не се направи тоа во Македонија. Во помала земја тоа многу полесно би се реализирало.
Ако ја рекламирате црквата „Перивлептос“ како ренесансно дело, во кое учел Џото, чија работа им е позната на сите, се разбира дека резултатот ќе биде поволен. Сте биле во Падова, во Фиренца и сте ги виделе делата на Џото, но каде е Охрид? Ајде да одиме да го видиме тој град! На туристите треба да им се фрли јадица.
Но, концептот на индивидуализам во 19 и во 20 век има две страни?
Ашилс: Сите носат фармерки, маици, доаѓаат од САД, сите сакаат демократија, сите имаат свој мобилен телефон, свој автомобил… каде е тука заедницата? Јас сум единка што носи фармерки и маица? Не, изгледам како сите останати, но тоа е мојот идентитет. Но, не смееме да се однесуваме така со верските објекти. Не можеме да ги пребоиме муралите, тие не се графити. Немаме право да ги менуваме црквите. Можеме да направиме нови цркви и да ставиме графити во нив. Концептот на приватност има и друга страна. На пример, ќе купам слика на Пикасо од 50 милиони долари и ќе ја запалам. Зошто? Затоа што ја поседувам. Таа е моја и можам да ја запалам. И тогаш сите би реагирале зошто сум запалил толку вредна слика, но кога ќе се преправи зградата на црква, џамија или синагога, никој не обрнува особено внимание, а тоа е голем проблем. Зградата не е нешто индивидуално, не е слика и таа не може да се запали, а со интервенциите се менува автентичноста.
Граѓанските војни и револуциите често се причина за уништување многубројни споменици на културата.
Ашилс: Трагично е какви сѐ измени се прават во време на револуции или граѓански војни. Алепо е уништено. И доколку досега не сте го виделе, никогаш нема да го видите. Или Дубровник, прекрасен стар град, кој подоцна беше изграден. Прекрасен е, но е нов. Сето тоа ме води и до Македонија. Вие овде имате завиден број стари градби, а Грција можеби две или три. Македонија има 25-30 градби и многу важни фрески, а некои од нив се најважните во целиот свет. Бугарија има малку, Романија ги загуби бидејќи ги уништи Чаушеску.
Дали културното наследство може да биде извор на приход доколку правилно се користи и менаџира?
Ашилс: Туристите што доаѓаат во Македонија ги интересира да видат автентични градби, а не нови градби, како оние во Лас Вегас или во Мајами. Кога туристите одат во овие места, однапред се подготвени дека тоа се копии и очекуваат да видат копии и не е проблем кога нема да свети Ајфеловата кула. Ист е примерот со „Дизниленд“. Јас лично не сум го посетил „Дизниленд“ иако живеам во Америка. Само го заобиколив возејќи кон мојата дестинација. Не сум против постоењето такви центри, но тоа е како огромен трговски центар, а голем трговски центар не се гради во „Стоунхенџ“, на пример, каде што има катедрала, црква…, на автентично историско место. Вие овде ја губите историјата создавајќи свет што само вам ви е интересен. Не ви говорам вам лично, туку вие како момент во историјата. Се разбира дека и византиските цркви ги граделе императори, цареви итн. за тој момент во историјата.
Но, тој историски момент е интересен и денес и од денешна перспектива претставува историски документ, доказ за континуитетот. Неколку објекти, како „Перивлептос“ во Охрид, треба да се средат и да им се понудат на туристите како дестинации. Затоа и ние работевме на овие седум споменици во околината на Скопје: „Св. Пантелејмон“ во Нерези, „Св. Никота“ во Бањани, „Св. Андреја“ во Матка, „Св. Димитрија“ во Марков манастир, Мустафа-пашината џамија, Куршумли-ан и црквата „Св. Спас“. Доколку туристите би ги посетиле сите нив во текот на престојот во Скопје, би останале седум дена и тоа би донело дополнителни приходи во касата на градот, државата. Вака туристите во Скопје остануваат десет секунди. Новите градби не се споредуваат со овие, тие не се туристичка атракција. Лас Вегас продава копии затоа што нема реалност, тој бил пустина и е создаден од ништо, а вие имате автентични градби и немате потреба да продавате копии. Го имате стариот Камен мост, но тој не е во центарот на вниманието, тој е загубен, ја загубил функцијата.
Потребно е да се направи каталогизација на иконите
Заштитата на иконите и на сите вредни предмети, како и цркви и манастири, најдобро ќе се оствари со обезбедување. Но, најпрвин ви треба каталог. Ако има сто икони во црквата, ќе направите 100 фотографии, значи 200 фотографии од предната и од задната страна на иконата. Ќе направите база на податоци и доколку некоја икона биде украдена, сепак ќе се појави некаде и ќе се открие според фотографиите. Како поинаку би знаеле кои предмети каде припаѓаат. Мора да постои каталогизација на предметите, артефактите, иконите итн., со текст и фотографија. Извесен период работев во Холандија и фотографирав за нивниот каталог. Никогаш не можеме да бидеме сигурни што ќе се случи. Можеби некое невреме ќе го уништи муралот на прозорецот од црквата. Како ќе знаеме како тој изгледал за да го реставрираме доколку не постојат фотографии. Во Македонија изгоре манастир, а вие немате фотографија од него. Со многу организации работев на документирање на внатрешноста на црквите бидејќи најретко фотографиран дел од црквата е нејзината внатрешност.
Најфотографиран објект е црквата, но однадвор. Валоризацијата и категоризацијата се најважни. Тоа сѐ уште го нема во Македонија, а не е сложена работа. Мора обучени луѓе да го направат тоа. Не мора да бидат археолози, историчари и слично, но мора да бидат обучени за одредени активности на терен. На пример, колку е долга црквата, знаеме сите како се мери, но обучен кадар треба да го прави тоа. Професионален фотограф ќе ги фотографира иконите, прозорецот, витражите… и потоа од нив имаме автентичен изглед од точно одредено време. А, вие не сте го направиле тоа во Македонија. Во една ваша црква има 300 икони. И секаде се гледа еден ангел. И што, црквата има само еден ангел? Не, има 300 ангели, но кога секој од нив ќе биде фотографиран, каталогизиран и валоризиран, нема да може да се украдат толку лесно, а да не бидат пронајдени.
Иако современиот свет функционира многу брзо и вестите брзо се забораваат, спомениците на културата се направени да опстојат и затоа треба да се води грижа за нив и да се заштитуваат.
Ашилс: Во денешно време сѐ се прави моментално. Сите ние се информираме, контактираме на „Фејсбук“, „Твитер“, „Си-Ен-Ен“ информира моментално и сите деструктивни моменти се актуелни три часа, а штетата останува. Зградите се постојани, тие се изградени за да опстојат. Секој што прави споменик за да остави печат, го прави тој да биде монументален. Но, некои монументи едноставно се поважни од другите. И не станува збор за преживување. Важните работи опстојуваат затоа што на нив се обрнува внимание. Тоа е мојот приод кон културата и затоа црквите и џамиите, особено оние со уникатна внатрешност или надворешност или што било во нив што е уникатно, треба да се чуваат. Доколку нешто од уникатноста се промени, се губи важноста. Се разбира, секогаш можете да имате фотографија од црква или од џамија, но тоа е само фотографија, црквата или џамијата со автентичниот изглед ја нема веќе.
Разговараше: Невена Поповска
фото: Игор Анѓелков
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст