| четврток, 6 декември 2018 |

Со извиднички поздрав ЗДРАВО

izvidniciШестдеценискиот јубилеј од постоењето на Македонскиот сојуз на извидници денеска го одбележаа 450 извидници во атарот на манастирот „Света Богородица“, кај Скребатно. Во наредните десетина дена извидниците ќе едрат, стрелаат, возат глисери, ќе градат логори и ќе учествуваат во многу авантуристички предизвици.

– Навистина е прекрасно чувството да се биде меѓу толку млади луѓе, ентузијасти, кои дошле во Македонија, да се запознаат со своите врсници, со своите пријатели и да стекнат нови познанства, да учат нови вештини и да совладуваат знаења за ориентација во природа, истакна Иванов.

Навистина, како што рече, треба да му се честита на Сојузот на извидниците што 60 години повеќе генерации ги вовел во ова, да имаат љубов младите кон природата, да се ориентираат во природа, да се снаоѓаат и да уживаат во овие предели кои навистина Охрид ги изобилува.

– Ако не беше оваа извидничка средба, немаше да знаеме дека освен езерото, Охрид има и вакви убавини и предели каде младите во кампови можат да се дружат, да учат, да совладуваат вештини и да го продолжуваат она наследство, традиција, што ни ги оставиле старите извидници нам, потенцира Иванов.

Сојузот на извидници на Македонија оваа година го празнува својот голем јубилеј, 60 години постоење.  Најголемиот настан што го организира е 11-та Смотра на извидници на Македонија. Смотрата е летен камп кој е интернационален и се одржува секоја петта година. Оваа смотра ќе биде отворена за сите млади од и надвор од Република Македонија. Кампот ќе биде лоциран во атарот на манастирот „Света Богородица“ во село Скребатно, општина Охрид, каде ќе се соберат над 450 извидници од Македонија и од неколку земји од Европа. Настанот се одржува од 20 до 28 јули. На смотрата ќе има извидници од Србија, Хрватска, Словенија, Шпанија, Франција, Данска.

На летниот камп учесници можат да бидат млади од 11 до 18 години, кои ќе имаат можност да учествуваат на најразлични активности како што се едрење, кајакарење, стреличарство, посета на островот Голем Град, посета на центарот за обука, возење на глисери, ќе имаат можност да научат многу нови вештини како кунг фу, капуера, да изработуваат куќарки за птици, да изработуваат сапуни, лосиони, ќе научат да преживуваат во природа, ќе се качуваат на карпа, ќе возат велосипеди…

Активностите и работилниците ќе се одржуваат во кампот во Скребатно, на Охридско Езеро, на Преспанско Езеро, Струга и реката Дрим.

Младите пак над 18 години ќе се вклучат како водачи на група, да бидат дел од програмскиот стаф или пак од тимот за логистика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top