| четврток, 6 декември 2018 |

Роберт Фишер со фиќо крстосувал низ Крушево

Македонија годинава повторно ќе се потсети на катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26. јули, пред половина век, а солидарноста што светот ја покажа кон нас, во тешките моменти, ни го донесе и еден од најголемите генијалци во шаховската игра, Роберт Фишер. Американецот ни беше нагости 4 години по трагичниот настан од 1963 година и играше на турнирот на солидарноста, организиран во неколку градови низ Македонија.

„Јас имав контакти со американско-еврејската заедница, а тие помогнаа Фишер да дојде во Скопје и да игра на турнирот. Се сеќавам како денеска, кога ни јавија дека Боби прифатил да игра. Бараше 2 илјади долари екстра хонорар за да настапи, и ние ги прифативме неговите услови. Јас тогаш бев генерален секретар во македонската шаховска федерација и ме задолжија да бидам со него 24 часа. Беше непредвидлив. Знаеше одеднаш да исчезне и затоа морав да бидам подготвен да го следам во чекор. Пристигна со два кофери полни со книги и еден тениски рекет. Го сакаше тенисот, и го играше одлично, а при престојот кај нас одигравме по некоја партија“, се присеќа, Љубомир Гајдов, поранешен новинар, сега професор по корпоративно управување и меѓународни односи и новинарство.

Од капење, во автомобил, па на магаре

Тој живописно и до ситни детали ги опишува моментите од неколкудневниот престој на Фишер во Македонија. За фотографии од тој период е задолжен неговиот пријател и познат скопски адвокат Никола Поленак. И двајцата се големи вљубеници во шаховската игра, а со радост говорат за гостувањето на американскиот велемајстор во Македонија.

„Гајдов минуваше повеќе време со него. Јас се запознав со Фишер во Крушево, бидејќи и таму се играше дел од турнирот. Имав едно старо фиќо и постојано се возевме со гостинот од САД, низ Крушево. Одевме и на капење на крушевското езеро, а Боби уживаше при престојот. Му се допадна Македонија. Дури успеавме да го качиме на магаре. Имав слики од нашите авантури низ Крушево, но за жал ми остана само една фотографија“, вели Поленак.

Ја искористивме за илустрација на текстот, за кој нема доволно простор, бидејќи Боби Фишер е неисцрпна тема на разговор. Турнирот на солидарноста во шах, почна во Скопје каде се играа две кола, па потоа следела преселба во Крушево со уште 4 рунди, па во Охрид и за крај повторно во Скопје.

Fiser-Gajdov-Polenak

Легендата на светскиот шах на капење на крушевското езеро (од лево надесно Фишер, Гајдов и Поленак)

„На трик ги донесовме и тогаш најдобрите шахисти од СССР. Иван Сјеров, поранешен шеф на КГБ, во тоа време беше претседател на тамошната шаховска федерација. Му реков директно, дека ако не учествуваат советски шахисти, империјализмот ќе ја добие битката со комунизмот. И дека Фишер лесно ќе победи на силен турнир. Се намурти, но ние ја остваривме целта. Ги испратија во Скопје двајцата извонредни шахисти, Ефим Гелер и Ратмир Хмолов. Сепак Фишер беше пресилен и го освои турнирот, иако стартуваше лошо и загуби од Гелер во второто коло“, вели Гајдов.

Американецот освои 13,5 поени од 17 партии, а зад него на делба на втората позиција завршија Гелер и Матуловиќ со по 13 поени. Од македонските шахисти Софревски со 8 поени беше најдобар на 10. место во конкуренција на 18 шахисти.

Шаховска ренесанса, со Фишер за почеток и Карпов за финиш

Фишер тогаш имаше само 24 години, а само 3 лета претходно беше на патот да се пензионира. Одби да игра за американската репрезентација на шаховската Олимпијада во Тел Авив, во 1964 година, иако има еврејски корени по мајка му. Не настапи ниту на зонскиот турнир во Амстердам, што го исфрли од игра за светската круна, во циклусот закажан за две години подоцна. Играше само симултанки во тој период, но за среќа се врати навреме, за да биде гостин во Македонија.

„Евреите не дозволија тој да се пензионира на 24 години. Кога се врати на шаховската табла, почна почесто да патува на турнири ширум светот, што ни оствори можност да ни биде гостин. Почнавме со него во 1967 година, а завршивме со Анатолиј Карпов, кој играше 5 години подоцна на шаховската олимпијада. Тогаш бевме шаховски центар на планетата. Не Москва како што е вообичаено, туку Скопје беше во центарот на вниманието за шаховската заедница. За неполна декада Фишер ни беше нагости, потоа организиравме и машка и женска шаховска Олимпијада, кај нас беше конгресот на ФИДЕ, се изгради олимпиското село, хотел Континентал и Сајмиште. Тоа беа незаборавни години на шаховска ренесанса на Македонија“, раскажува Гајдов.

За жал, Фишер од јануари 2008 година, не е меѓу живите, а Гајдов не изненади со продолжението на приказната. Вели, пријателството со американскиот велемајстор лесно можеше да доведе до негов настап за шаховската репрезентација на Македонија.

„Во 2000 година им предложив на луѓето од тогашното раководство на шаховската федерација да го поканам Фишер да игра за македонската репрезентација. Ќе му дадевме наш пасош, а тој ќе играше на првата табла за Македонија. Неговата пријателка Зита Рајчани од Унгарија, која истотака беше шахистка, ќе не претставуваше на втората табла, Кирил Георгиев на третата табла, ќе играше уште некој од нашите шахисти и ќе бевме кандидати за медал. Но, не наидов на разбирање и иницијативата пропадна. Од турнирот во Македонија во 1967 година, останав пријател со Фишер. Имаше доверба во мене, а најмногу му веруваше на легендата на југословенскиот шах, Светозар Глигориќ“, ја заврши приказната Гајдов.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top