| четврток, 6 декември 2018 |

Најголемото ѕвоно на Балканот ќе одекне од центарот на Скопје

Православниот храм „Св. Константин и Елена“ се наоѓа во средиштето на најпознатата улица „Македонија“ во строгиот центар на Скопје и истиот во моментот е во завршна фаза на изградба.

Црквата има злат­ни ку­по­ли, а фа­са­да­та со ор­на­мен­ти е ре­чи­си за­вр­ше­на. Овој храм е со бруто-површина од околу 2.000,00 м2 и е досега најголемиот изграден православен храм во Македонија.

Црквата „Свети Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012 година. Иако првично требаше да се гради на плоштадот Македонија, по негодувањето на јавноста се одбра нова локација, на улицата „Македонија“, веднаш до Домот на Армијата.

Во 2015 година беа донесени сите 12 ѕвона за црквата и беа осветени од архиепископот г.г. Стефан во сослужение со свештенослужители од Скопската епархија. Тие се поставени на камбанаријата висока 50 метри, која е меѓу највисоките во Македонија.

Ѕвоната кои се изработени во фабриката „Грасмаер“ во Инсбрук, Австрија, ќе продуцираат тонови во три октави. Проектот за ѕвоната го изработија исто така Владимир и Искра Лековски, а рускиот проектант Марк Галтерин го изработи проектот за звучниот сет. Централното ѕвоно во новата црква, тешко 8,3 тони, е најголемото ѕвоно на Балканот. Другите две се тешки 3,5 тони, односно 2,3 тона.

Сите 12 ѕвона ќе бидат наместени така што ќе произведуваат разни мелодии. Една мелодија за големите празници, а друга во неделите. Пластичната изработка на декорациите и иконите на ѕвоната се дело на Дарко и Елена Дуковски.

Црквата во форма на крст е висока 30 метри и има една централна и четири помали куполи. Има четири апсиди и една олтарна апсида. Станува збор за обновување на стариот храм „Свети Kонстантин и Елена“, кој се наоѓал во близина на плоштадот Македонија.

Првобитниот храм бил граден пред и по Првата светска војна, а бил осветен во 1926 година. Во земјотресот во 1963 година црквата имала оштетувања кои не биле сериозни за да биде урната, но на почетокот на 1970тите години храмот бил миниран за да се изгради Градскиот трговски центар. Нестор Алексиев го изработил еднокрилниот, одмерено расчленет и обликуван иконостас, висок неколку метри, а широк околу 10 метри. Денес делови од овој иконостас се наоѓаат во црквата „Св. Петар и Павле“ во Јурумлери, и во „Св. Никола“ во Куманово.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top