| четврток, 6 декември 2018 |

Марија Павловска, ликовна уметница: Поканета сум од кураторите на Европскиот Културен Центар со соло проект за време на Венециското биенале

Проектот "А Реакција" е забележан, посочен и поканет да се представи оваа година од страна на кураторите на Европски културен центар во времетраење на 58. Венециското биенале, поддржано од Eвропскиот Културен Центар и GAA фондацијата ( Global Art Affairs), со посочен и даден простор во Палацо Мора, централно место вo Венеција, прв спрат/ Space A & Room 2, 173m2. , бидејќи според нив, проектот заслужува, вели Марија

Ликовната уметница Марија Павловска веќе години наназад успешно чекори по патеката на успешните уметници во светот. На Марија не и се туѓи галериите во Париз, Виена, Њујорк, а наскоро и Манила и Венеција… нејзините дела се изложени заедно со оние на Јоко Оно, Џеф Кунс, Реј Смит… Родена во Скопје, Република Македонија во 1975 година. Завршила Факултет за ликовна уметност во Скопје, отсек сликарство во 1999 година, каде во 2001 година магистрира на истиот отсек. Докторските студии ги завршува на Институтот за социјални и хуманистички истражувања на Универзитетот “Евро Балкан” во Скопје, Македонија (акредитација на Универзитетот “East-West”) во 2016 година. Нејзините дела се изложувани во повеќе земји, каде Павловска реализирала 28 самостојни изложби и повеќе од 100 групни домашни и меѓународни изложби, меѓу кои Art Basel Miami – САД, Citibank (Њујорк, САД), MANA Contemporary Museum – Art Center and Drawing Rooms, Station Gallery, Gallery MC and The Open Space Gallery – Њујорк, САД, Kunsthalle-Vienna and Kunsthalle-Krems (Австрија), Gallery Lang (Виена, Австрија), Cite Internationale des Arts, Les Docks/ Institute de la Mode (Париз, Франција), Музеј на современа уметност, Национална галерија, Музеј на град Скопје и ДЛУМ (Македонија), Галерија 73( Белград, Србија), IPC галерија( Сараево, Босна), Градско собрание на Нирнберг – галерија (Германија), FLA Gallery (Конетикат, САД), Viota Gallery (Сан – Хуан, Порто Рико), Prima Center (Берлин, Германија)….

 

Фотографија од двомесечната резиденција – Cite Des Arts, Paris

Со уметничко творештво Марија Павловска започнува на рана возраст. Таа реализира студиски престои во Париз, Словенија, Виена и Нирнберг. По нејзината прва самостојна изложба во Њујорк во 2007 година, таа живее на релација помеѓу Скопје и Њујорк и продолжува да биде активна на њујоршката уметничка сцена, а нејзиното присуство во Скопје го искористивме за разговор во кој проговоривме за уметноста, предизвиците, успесите, тешкотиите…


Вие сте мошне плоден и успешен ликовен уметник. Кажете ни колку изложби сте реализирале досега?
-Моите дела се вклучени во повеќе од 20 изложби со тематски, стилски и актуелни пресеци кои ја презентираат македонската ликовна уметност во домашни и странски музејски институции: Музеј на современа уметност – Скопје, Музеј на град Скопје, Национална галерија на Македонија, 107 македонски уметници во Cite des Arts во Париз, во организација на ДЛУМ и тематски изложби во Gallery MC во Њујорк. Досега сум реализирала шест самостојни изложби во македонските музеи, културно – уметнички центри, фестивали и галерии во Македонија: во Музејот на современа уметност – Скопје, Музеј на град Скопје и Галерија на ДЛУМ, Културен центар “Григор Прличев “- Охрид во склоп на фестивалот „Охридско лето“ и Националната галерија “Вангел Коџоман” – Струга како дел од манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. Сум учествувала на 24 уметнички биеналиња и фестивали и Open Houses, вклучувајќи ги: Биенале на млади уметници – Музеј на современата уметност Скопје, Биенале на Минијатура – Национална Галерија на Србија, „Охридско лето“ и „Струшки вечери на поезијата“, фестивал (Сараевска зима), Босна и МАНА фестивали и Open Houses и Juxtapoz Art Фестивал – Њујорк, САД. Исто така учествував и на престижниот уметнички фестивал Арт Базел Мајами / Art Basel Miami во презентација на МАНА Контемпорари, како единствен македонски уметник во историјата на учеството на македонски автор на овој престижен фестивал и изложував заедно со авторски имиња како: Julian Shnabel, Yegal Ozeri, Ray Smith, Sante de Orazio, Carole Feuerman, Eugine Lemay итн.

Отворањето на самостојната изложба во МСУ на која говореа Емил Алексиев и Амбасадорот на Австрија Philip Hoyos .

Претпоставувам дека Вашите дела се продаваат на некои од овие изложби. Каде може да се видат? Дали се дел од некоја колекција? Имате ли информации за такво нешто?
-Моите дела се дел од колекциите на повеќе приватни и јавни колекции кај нас и ширум светот. Овде би ги истакнала и владините институции, амбасадите, музеите, галериите и библиотеките…
Добитник сте на значајни награди и признанија. Што претставуваат тие за Вас? Како ги доживувате, како обврска, како товар, како заслужено признание…?
-Во досегашната дејност сум добила пет значајни награди и признанија од областа на ликовната уметност: Награда за сликарство „Димитар Кондовски“ – ДЛУМ (2003), Награда за млад автор – UNESCO Ashberg Program, Виена, Австрија (2003), Награда за цртеж – ДЛУМ (2005), Награда на одбран автор за годишна самостојна изложба, Citibank, Њујорк, САД (2011), Награда за сликарство – Carole Feuerman Foundation, Њујорк, САД (2015).
Исто така добитник сум на 14 грантови за уметност во текот на мојата кариера и учествував на осум интернационални престижни уметнички резиденции во Австрија (Виена и Кремс), Германија (Берлин), Франција (Париз), САД (Њујорк).
Сметам дека секое признание претставува огромна радост за секој уметник, но секако е резултат на долгогодишна работа, труд, едукација, падови, подеми…


По Вашата прва самостојна изложба во Њујорк во 2007 година, живеете на релација помеѓу Скопје и Њујорк и продолжувате да биде активна на њујоршката уметничка сцена. Тешко ли е да се биде ликовен уметник во САД? Какво е Вашето искуство?
-За моето уметничко дело се напишани повеќе осврти, рецензии и критики во многу престижни списанија, статии во весници, и музејски и галериски каталози, од страна на еминентни историчари и теоретичари на уметноста од замјава и странство. Мојата уметничка резиденција е во MANA Contemporary, водечки Центар за современа уметност во САД – област Њујорк од 2012 година.
Во 2014 MANA Contemporay го претстави моето дело на Art Basel Miami, во склоп на изложбата Monumental. При создавање на проект во ателјето – резиденцијата во МАНА, во продукција на MANA Contemporay е документирано и видео, процесот на проектот : A REACTION, каде истиот опстојува на официјалната веб страна на Mana Contemporary : Аrtist at MANA Maria Pavlovska.
Во 2015 година, по две групни и самостојна изложба во Drawing Rooms Gallery NY, Victory Hall Press NY, истата печати Монографија “Reaction / Drawing cycles 2015-2015”, „10 години творештво Цртеж“, во програмaта годишни Едиции на автори кои Галеријата ги застапува и изложува нивните дела.
Во 2017 година јас со моето творештвото – цртежи сум поканета – застапено во книгата THEIA MANIA , Dallas Athent поеми и М.Павловска цртежи, во публикација на водечката издавачка кука во САД, Њујорк – Black Squаre Editions, чиј сопственик е водечкиот њујоршки ликовен критичар John Yau и каде дизајнот е обработен од Eve Siegel, Oxford Press and Gugenheim Museum NY. Книгата во рецензија на 20 најдобри книги во САД во 2017 година го зема осмото место.
Моите дела беа селектирани за учество на „Изложбата на 50 жени автори од светот“: Please Touch; Body Bounderies i Senses and Percepcion/ Интернационална изложба на десет жени автори, заедно со Yoko Ono, Cindy Sherman, Louise Bourgeois, Carole Feurman меѓу другите, во презентација на Мana Contempoary и Carole Feuerman Foundation во Април 2018г. Изложбата беше отворена 6 месеци и треаше до октомври 2018 година.
Co сите резултати кои ги наведов погоре, можам да речам дека делото и автентичниот ликовен израз се забележани во поширок круг на ликовни критичари и познавачи на ликовната уметност.

Mana Contemorary атеље на Марија Павловска

Марија во нејзиното атеље во Њујорк

Како резултат на сиот овој успех, Вие годинава добивте покана од кураторите на Европскиот културен центар кој изложува во времетраење на 58.Венециско биенале…
-Точно, моето творештво и јас лично сум поканета да присуствувам во времетраењето на 58 Венециското Биенале – 2019 година / 11 мај – 24 ноември. 2019 година. Мојот проект “А Реакција” е забележан, посочен и поканет да изложува оваа година од страна на кураторите на Европскиот културен центар во времетраењето на 58 Венецијанско биенале, поддржано од Eвропскиот Културен Центар и GAA фондацијата ( Global Art Affairs), со посочен и даден простор во Палацо Мора, централно место вo Венеција, прв спрат/ Space A & Room 2, 173m2. , како што самите објаснија – како што проектот заслужува.
Проектот и неговата презентација го поддржуваат и: Mana Contemporay, Fondacion Sebastian и Carole Feuerman Foundation. Се надевам и со поддршка на Министерството за Култура на Република Македонија мојот проект ке биде претставен на Венецијанското биенале.


Но, пред Венеција, ве очекува изложба во Манила и уште неколку активности во Њујорк. Кажете ни нешто повеќе за тоа?
-На 21 јануари со изложбата – проект; „Моето Бело II“ ( White of Mine II) ќе се отвори 2019 сезоната на престижната Манила Хоусе Галерија ( Manila House Gallery, Manila House – Private Members Club) во Mанила, Азија, во времетраење од 1 месец. Во оваа Галерија покрај другите престижни авторски имиња, би сакала да го споменам името на Џеф Кунс (Jeff Koons), престижен американски уметник, кој изложува во истата. Исто така во 2019 следува соработка со Master Printer Gary Lichtenstein / Silk Screen Editions NY, каде ќе работам на мојата „Silk screen Prints Editions“ во продукција на престижниот и единствен Gary Lichtenstein на едицијата принтови / мапа. Gary Lichtenstein Silk Screen Editions веке ги застапува и соработува со авторски имиња како: Richard Prince, Marina Abramovic, Richard Mayer, Yegal Ozeri, Carole Feuerman, Eugine Lemay, John Battle…
Исто така во 2019 добив покана и ќе изложувам свои дела на самостојна изложба во Boricua College Gallery, Bronx campus во Њујорк, галерија во склопот на Boricua College, каде ќе настапам исто така со две тематски предавања на студентите во текот на двомесечното траење на изложбата. Boricua College опстојува на три локации во Њујорк, имајки свои кампуси во Бруклин, Менхетен и Бронкс.
Досега веќе сум изложувала во двете локации, во Boricua College Gallery – Brooklyn, Bedford campus во 2011 и Boricua College Gallery – Brooklyn, Graham campus во 2013 исто така поддржано со предавања /Lecturers во двомесецното време траење на изложбите.


Потекнувате од уметничко семејство. Вашиот татко, Таки Павловски е познат и признат ликовен уметник, сестрите – музиколог и пијанист… Дали опкружувањето со уметност Ве одведе во овие води или едноставно ја носевте во себе уметноста?
-Потекнувајќи од семејство на креативни уметници – татко ми е еден од доајените на македонската ликовна уметност, (Национален уметник на Македонија), а постара сестра е музиколог, а мојата помлада сестра е пијанист – очигледно е дека мојата уметничка енергија била вкоренета во самата суштина на моето битие.
Иако дел од истакнатото уметничко семејство, може да се каже дека јас постигнав значајно признание само по себе.
Критичарите ја опишуваат мојата работа како дело на „силна личност”, која ги преведува своите теми на избор во сликовен јазик што покажува тивко – моќна елоквенција”. Моите дела, велат ликовните критичари го „одразуваат моето сликарство како бојно поле, каде што светлината и темнината се борат и резултатот е непредвидлив. Гледаме на молња од идеи на работа, како што се разработени. Во овој вид на симултана слика “процес / резултат” дијалектиката лежи замрзната во вселената, стимулирајќи го гледачот активно да учествува во креирањето на сликата преку испитување, поканувајќи огромен број читања во одредена тема“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top