| четврток, 6 декември 2018 |

Делата на Јелена Цветковиќ Савиќ во Музеј на град Скопје

На 06.12.2018год. (четврток) во 19.00 часот, во Музеј на град Скопје, Сала 1 ќе се отвори самостојната изложба “Чувствување на светот” на авторката Јелена Цветковиќ Савиќ од Ниш, Србија.
Изложбата ќe ја отвори в.д директор Фросина Зафировска а ќе може да ја посетите до 18-ти декември 2018год.
Јелена Цветковиќ Савиќ е родена во 1987 година во Ниш, Србија. Завршила средно образование во гимназијата “Светозар Марковиќ” во Ниш. Во 2006 година се запишува на Факултетот за уметност во Ниш, на отсекот за сликарство. 2011 година дипломирала во класата на професор Ѓура Радоњиќ. Моментално е на докторски студии на Факултетот за уметност и дизајн на Мегатренд факултетот во Белград, во класата на професорката Тијана Фишиќ. Има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во Србија. Во Скопје за првпат се претставува со нејзиниот најнов циклус на 20-ина дела насловени “Чувствување на светот”.
Делата се изработени главно во техника акрил на платно и неколку во техника масло на платно.
Изложбата е во организација и реализација на Музеј на град Скопје, финансиски е поддржана од Град Скопје.
Воедно, ве известуваме дека авторката ќе биде присутна во Скопје на 05 и 06 декември, како и на 07 декември (претпладне до 12.00 часот), доколку сакате да закажете интервју со неа. Повелете контакт:
[email protected]
“Чувствување на светот”
Во најновиот циклус на дела, Јелена Цветковиќ ја отфрла фигурацијата посветувајќи се во потполност на истражувањето на нови, асоцијативни поетики во кои предметите често се сведуваат на геометризирани површини под кои се отвораат светлосни имагинарни простори.
На нејзините платна се соочуваат слободните потези на четката, со прецизни линии, густа, пастуозна фактура со лазурни премази, додека истовремено кокетира со геометриските форми само во онаа мера колку што неа и одговара.
Сложувајќи ги боените, речиси мозаички површини во складна целина – зависно од расположението, понекогаш благо ги растопува валерски обоените форми а понекогаш пак ги нагласува со острите рабови сочинети од тенки црни или бели линии отворајќи нови можности за ликовно размислување.
Со промената во интерпретацијата на ликовниот говор настојува да анализира и да воспостави сложени визуелни релации дефинирајќи ги сопствените ставови и идеи.
Во истражувачката постапка, со колористички свеж, слоевит, сликарски јазик често доаѓа до сосема нови, неочекувани креативни идеи доведувајќи ги во склад чистите ликовни елементи.
Наслушувајќи ги своите внатрешни состојби, Јелена Савиќ со зрел ликовен израз креира сопствени визуелни опсервации сугерирајќи надреални, флуидни простори, изградувајќи сопствено чувство за животот и светот.
Радмила Костиќ (историчар на уметност)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top