| четврток, 6 декември 2018 |

Заев седел на маса со Орбан, но во следна прилика ќе му каже дека очекува одговор на барањето за екстрадиција

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Централно Европската Иницијатива, даде изјава за медиуми од Македонија и од регионот.

Во изјавата премиерот Заев, го оцени Самитот, како добра можност што ја даваат овој вид состаноци за Македонија да го повтори своето очекување за поддршка од земјите пријатели, за членство на нашата држава во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

– Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, во одговорите на новинарските прашања рече дека при посетата на Загреб не се оствари средба со унгарскиот премиер Орбан кој вчера присуствувал на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Пленковиќ со присутните шефови на делегациите на Самитот, но денеска не остана на Самитот.

– Во следна прилика ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето екстрадиција за Никола Груевски, бидејќи тој според меѓународните конвенции и законите мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, на прашањето дали има некаква порака од Хан, рече дека еврокомесарот Јоханес Хан е задоволен од Македонија и од постапките во Парламентот и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата. Еврокомесарот Хан, како што рече премиерот Заев, споделил очекување дека ова ќе го овозможи потребното  двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top