| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Симона Манчева „Сопство“ во галеријата на МКЦ

В петок, на 7 декември  во Галеријата на МКЦ во 20 часот ќе се отвори изложбата на Симона Манчева, „Сопство“.

Манчева е родена 1989 во Кавадарци. Во 2011 дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 2013 завршува магистерски студии, оддел сликарство.

Сопство е концептот што го имаме за себеси. Сопство е сѐ она што ја прави една личност. Декарт вели „Мислам, значи постојам“, додека Барбара Кругер вели „Купувам, значи постојам“. Овде е прикажано физичкото и мислечкото битие на човекот. Низ историјата човекот го менувал концептот за себеси.
Умствениот капацитет на човекот е менувачки и минлив, исто како и телото.

Сѐ до ренесансата сопственик на нашите тела се сметал Бог. Телото како убаво и добро, чиј сопственик е човекот, се појавило со деконструкцијата на групните идентитети, со порастот на индивидуализмот и слабеењето на црквата.

Атрибуираниот, субјективниот и оптативниот идентитет се „зависни“ од телото, од биолошкиот идентитет. Од самото раѓање (пол), па низ целиот живот (здравствена состојба, возраст) ние се бориме со ограничувања за тоа каде, како (ни доликува) треба да се однесуваме.

Изворот на нашите ставови и задоволства пред сѐ е ментален или телесен? Телото е наш понекогаш верен, понекогаш палав, а понекогаш предавнички настроен придружник.

– Моите уметнички интереси се базираат на согледување на фиктивната реалност и уште пофиктивниот морал во општествата. Преку своите истражувања се обидувам да ги прикажам и разнишам нашите стегнати предрасуди и стереотипи, кои ги зајакнуваат границите на нашата слобода, истовремено и да се развие свесноста на луѓето за остварување на своите права и задоволување на своите потреби. Родовата дискриминација, наследените стереотипи, родовиот, сексуалниот идентитет, социјално маргинализираните групи, различноста и варијациите на човекот и неговото тело се цел на моите истражувања каде што разбирањето на сите контрадикции и стереотипи како уметник и улогата на уметноста да се интервенираат и да се преиспитаат овие општествени конструкти – вели Манчева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top