| четврток, 6 декември 2018 |

Германецот Даниел Милер-Шот, виртуозот на виолончело, повторно гостува во Македонската филхармонија

Диригент на концертот, за првпат во Македонија, е маестро Румон Гамба од Велика Британија, а оваа вечер ќе бидат изведени и импресивните дела: Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала“ (која ќе ја доживее македонската премира) од Клод Дебиси

Македонската филхармонија повторно го носи виртуозот на виолончелото – Даниел Милер – Шот од Германија.

На претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија насловен „Морски барнови“ кој ќе се одржи на 6 декември (четврток) во 20 часот, како солист ќе настапи Даниел Милер-Шот, еден од најславните виолончелисти на новата генерација. Овој амбасадор на музиката на 21.век, за македонската публика ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од Дмитриј Шостакович.

Диригент на концертот, за првпат во Македонија, е маестро Румон Гамба од Велика Британија, а оваа вечер ќе бидат изведени и импресивните дела: Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала“ (која ќе ја доживее македонската премира) од Клод Дебиси.

Румон Гамба

Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиција, меѓу нив и шеф-диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера (2008–2015), шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар (2011–2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002–2010). Маестро Гамба особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со Би-би-си симфонискиот оркестар, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со Норланд опера, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус… Неговото име е запишано и на голем број аудиоизданија на кои се наоѓаат современи творби. Во 2017 година, маестро Гамба се враќа на Би-би-си промс диригирајќи со врвниот џез-ансамбл „Bang on a Can All-Stars“ заедно со Младинскиот ансамбл. Покрај современата музика, тој е активен и како диригент на железниот оперски репертоар како што се „Кармен“, „Боеми“, „Отело“, „Кандид“, „Риголето“…

Германскиот виртуоз на виолончелото Даниел Милер-Шот се смета за еден од најистаканите претставници на овој инструмент на својата генерација и повеќе од две децении ја воодушевува публиката во светот. Овој амбасадор на музиката во 21 век, кој „Њујорк тајмс“ го нарече „бестрашен интерпретатор со извонредна техника“, е роден во 1976 година во Минхен. Студирал со видни имиња – германскиот виолончелист Волтер Нотас, австрискиот виолончелист Хајнрих Шиф, како и со британскиот виолончелист Стивен Исерлис, а преку фондацијата на славната виолинистка Ана-Софи Мутер, на нејзино лично инсистирање, поминал една година студии со прочуениот Мстислав Ростропович. На 15 години, Даниел Милер-Шот ја добил првата награда на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Чајковски“ во Москва во 1992 година, и оттогаш неговата кариера рапидно почнала да расте. Неговото име е запишано на сите светски концертни репертоари. Ја воодушевува публиката со својата виртуозност, со нескриено енергичната интерпретација, со совршената комбинација на техничка, интелектуална и емотивна зрелост. Даниел Милер соработува со голем број водечки оркестри на САД, Европа и Азија, со врвни диригентски имиња како што се Ашкенази, Мазур, Орамо или Превин, а неговиот репертоар е составен од најпознатите дела напишани за виолончело. Во новата концертна сезона, тој настапува и ќе настапува со Тонхале оркестарот во Цирих, Кралскиот филхармониски оркестар, Далас симфонискиот оркестар… но е закажана и светска турнеја со рецитали и камерни концерти. За Денот на германското единство во Берлин во 2018 и во знак на сеќавање на неговиот починат учител Ростропович, Даниел Милер свиреше пред Бранденбуршката порта дела од Јохан Себастијан Бах, пред околу 500 илјади слушатели. Добитник е на значајни награди и признанија и реализирал голем број снимки за познатите издавачки куќи „Орфеј“, „Дојче грамофон“, „ЕМИ класикс“. Со Ана-Софи Мутер и Андре Превин, тој ги сними Моцартовите трија за пијано, додека со познатата канадска пијанистка Анџела Хјувит ги сними сите дела на Бетовен за виолончело и пијано. Милер-Шот свири на инструмент од 1727 година, од најпознатиот венецијански изработувач на виолончела, Матео Гофрилер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top