| четврток, 6 декември 2018 |

Романот добитник на Гонкуровата награда „Бусола“ објавен во „Антолог“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Бусола“ од францускиот писател Матијас Енар. Книгата е добитничка на наградата „Гонкур“ во 2015 година. Преводот на македонски е на Владо Ефтимов.

Во текот на една бессона ноќ во Виена музикологот Франц Ритер ги оживува во своите сеќавања спомените за сопствената универзитетска кариера, за своите патувања, за миговите поминати со жената во која е вљубен. Лебдејќи помеѓу сонот и сеќавањата, ги преиспитува својата фасцинација за Блискиот Исток и многуте патувања во Истанбул, Алепо, Дамаск и во Техеран, како и многуте писатели, уметници, музичари, ориенталисти и истражувачи, кои го надополнуваат овој огромен сон. Во центарот на овие сеќавања е неговата неостварена љубов, Сара, француска научничка.

Возбудлива и убедлива ерудиција, со зачудувачки референции на композитори од деветнаесеттиот век и езотерични ориенталисти. Како да ги поврзал Балзак и Агата Кристи на еден магичен начин!

Извонреден, моќен, музички роман, полн со горчливо-сладок хумор. Потрага по другоста, мостот помеѓу Истокот и Западот, вчера и утре.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Матијас Енар (1972) е француски автор. Главно пишува романи со арапска тематика. Студирал арапски и персиски јазик. Долго време живеел на Блискиот Исток и го истражувал. На почетокот на новиот милениум се преселил во Барселона, каде што ги пишува сите дела. Добитник е на многу книжевни награди, а неговиот роман „Бусола“ е распродаден во повеќе од 300 000 примероци!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top