| четврток, 6 декември 2018 |

Сузбиена криминална група за трговија со кокаин, дрогата од Перу преку Македонија и Косово требала да пристигне во Црна Гора

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 61-годишниот М.Ѓ. и 24-годишниот А.Ѓ., двајцата од Црна Гора, како и против 48-годишниеот Ј.Ц.А.Г. од Перу поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија, соопштија од МВР.

„Во текот на месец ноември М.Ѓ. и А.Ѓ. од лице од Перу набавиле наркотична дрога кокаин за понатамошна продажба. После тоа бил ангажиран Ј.Ц.А.Г. да го пренесе кокаинот од Перу до Република Македонија, а потоа преку Косово до Црна Гора. Кокаинот бил подготвен така што со соодветен процес од прашкаста преминал во течна форма. Потоа различни парчиња облека биле потопени во кокаинот и потоа сместени во куфер, кој му бил даден на Ј.Ц.А.Г. да го донесе во Македонија.

На 30 ноември Ј.Ц.А.Г. пристигнал во Скопје преку аеродромот Скопје и по преземени мерки од полициските службеници бил лишен од слобода. Поради сомнение дека алиштата кои се пронајдени во куферот содржат наркотична дрога кокаин, биле одземени, а исто така одземени се и пари, мобилен телефон и други предмети. Истиот ден од слобода се лишени и М.Ѓ. и А.Ѓ.и кај нив, исто така, биле пронајдени и одземени пари, мобилни телефони и други предмети“, стои во соопштенеито на Министерството за внатрешни работи.

По извршеното вештачење, велат од полицијата на облеката било детектирано присуство на кокаин, а по дополнителен процес на екстракција ќе биде утврдена количината на кокаинот. Судија на претходна постапка на тројцата приведени им одреди мерка притвор во траење од 30 денови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top