| четврток, 6 декември 2018 |

Бојкот на судовите, ако Советот не ја отповика одлуката да им се зголеми платата на судиите за 21 илјади денари

Синдикатот на УПОЗ најавува бојкот на работењето на судовите во понеделник, доколку Судскиот буџетски совет веднаш не ја отповика вчерашната одлука со што ја зголеми платата на судиите за 35%, односно за 21.000 денари, јавува „Сител“.

Со тоа, судиите ќе земаат 85% поголеми плати од судските службеници. Синдикатот бара итно да се усвојат ветените законски измени, со што и судските службеници ќе имаат право на тие додатоци на плата.

-Во понеделник не гарантирам дали судовите ќе работат и како ќе работат. Револтот е огромен. И од овие причини бараме солидарност и поддршка и од судиите и во таа насока барам Здружението на судии во понеделник да се произнесе по ова прашање бидејќи во судството не работат само судии, туку има стручни соработници, курири, доставувачи, дактилографи итн. Бараме од Судскиот буџетски совет итно да ја отповика одлуката која што ја усвои на вчерашната седница за додатоци на судиите, сè до донесување на Законот по итна постапка, кој што бараме да влезе во процедура уште во понеделник, велат од Синдикатот.

Синдикатот на УПОЗ најави дека ќе ја преиспита и законитоста на донесената одлука за зголемување на платите.

-Ќе ја преиспитаме оваа одлука дали е валидна со оглед на тоа што сметаме дека мандатот на Судскиот совет, а со тоа и на претседателот на Судскиот буџетски совет, е истечен, бидејќи мандатот е 2 години. А колку што имаме сознанија, нивниот избор беше во мај, непосредно пред нашиот штрајк во 2016 година. Оттука произлегува заклучокот и прашањето дали оваа одлука е валидна, изјавија од Синдикатот.

Дополнително, Синдикатот на УПОЗ бара веднаш да им бидат вратени парите на службениците, што незаконски им биле одземени за време на штрајковите пред две години. Тогаш Судскиот буџетски совет донел одлука да се казнат штрајкувачите и да им се одземе платата за 60-те денови, колку што траеше штрајкот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top