| четврток, 6 декември 2018 |

Борба за името ВМРО ДПМНЕ

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието побараа пратениците кои неодамна беа исклучени од нивната партија да не го користат името и симболите на најголемата опозициска партија. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски се обрати до претседателот на Собранието, Талат Џафери и информираше дека до Собранието бил испратен допис, потпишан од генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, во кој се бара од Џафери да ги преземе сите потребни мерки и активности за истите да не го користат името и симболот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ве замолуваме господине Џафери колегите да ги ословувате како Независна пратеничка група, затоа што власта не може да си нарача опозиција и да дебатира со нив. Би ве замолил да се држите до тоа колегите да се ословуваат како независни пратеници без некоја задна намера – рече Мицевски.

Џафери на барањето на пратениците од најголемата опозициска партија одговори дека расправата за името на ВМРО ДПМНЕ пратениците можат да ја продолжат пред надлежните судови.

– Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, а неговото писмо нема дејство врз мене. Пратеници според Деловникот имаат право да формираат пратенички групи. А за името не е надлежно Собранието, ќе одите на суд и ќе го решавате проблемот – рече Џафери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top