| четврток, 6 декември 2018 |

Судиите си ги зголемиле платите за 21.000 денари преку додатоци на платата

Од УПОЗ бараат итна и неотповиклива оставка од претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет

Синдикатот на УПОЗ реагираше на одлуката што ја донел Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плати за судиите во износ од 35 отсто.

Според Синдикатот, ова е најсрамната одлука донесена во историјата на судството и со неа судиите ќе добијат зголемување за 21 илјада денари што е повеќе за 85 отсто од платата што ја земаат вработените во судската служба.

Од УПОЗ бараат итна и неотповиклива оставка од претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет.

– Судскиот буџетски совет на чело со претседателот Зоран Караџовски денес требаше да донесе одлука да се вратат парите на вработените од судовите кои во 2016 година незаконски беа одземени за време на штрајкот во судовите лично од него. За Синдикатот на УПОЗ ова е долевање на масло на огнот кој гори од незадоволството од третманот на судските службеници во изминатите години, замрзнување на нивните плати и постојано зголемување на платите на судиите, наведува УПОЗ.

Извор: Судство.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top