| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителството проверува дали биле бришени разговорите од хард дисковите

Со исклучителна сериозност и внимателност се проверуваат сите аспекти на настанот и се работи на утврдување на евентуална кривична одговорност, изјави портпаролот на Јавното обвинителство на Република Македонија Елизабета Недановска по информацијата дека биле прислушувани телефоните во Обвинителството.

Таа рече дека предистражната постапка била отворена веднаш по сознанијата дека телефонските разговори остварени преку фиксна телефонија во зградата на јавното обвинителство биле снимани.

„Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30 септември 2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред“, рече Недановска.

Какко што соопшти, првичните сознанија од предистражната постапка укажуваат дека снимањето се вршело на двата хард диска од телефонската централа во новиот објект во кој се сместени просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Во рамките на постапката се врши проверка и на тендерската документација за набавка на опремата и на овластувањата за нејзино користење.

Дополнително, Јавното обвинителство работи на проверка и на индициите дека ист или сличен систем за снимање на телефонски разговори бил употребуван и во други правосудни институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top