| четврток, 6 декември 2018 |

Манчевски: Новиот закон за инспекциски надзор воведува опомена за фирмите пред да се изрече казна

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествуваше на денешната инфо-сесија посветена на предлози и измени на Законот за инспекцискиот надзор. Тој посочи дека постојниот закон се карактеризира со голем број одредби, кои честопати се меѓусебно противречни.

„Ова особено се однесува на проблемите што субјектите, граѓаните и бизнисите ги имаат при инспекциските контроли, но и поставеноста на инспекциските служби во системот на државни органи, нивната линија на одговорност и обврските што ги имаат кон Инспекцискиот совет“, рече Манчевски.

Според министерот, во досегашното постоење инспекцискиот совет не придонел за остварување на целите заради кои бил формиран, а инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа кон советот.

„Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот наздор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на законот, конечно, го предвидуваат тоа. Од ова голема корист ќе има бизнис-заедницата“, рече Манчевски.

Тој потенцира дека со новиот закон се воведува опомена за фирмите пред репресивните мерки како исполнување на ветувањето до компаниите дека нема веднаш да бидат казнувани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top