| четврток, 6 декември 2018 |

Сериозни обвинувања за Фрчкоски, тој и Црвенковски сакале да го тргнат Глигоров од политиката

Вечерва се одржа промоција на избрани дела на Стојан Андов. На самата промоција можеа да се слушнат интересни детали од минатото, но и сериозни обвинувања. Во книгата  „Пред атентатот и по него“ Андов пренесува разговор со поранешниот претседател Киро Глигоров:

„Стојане, вчера имав неочекуван состанок. Во вилата ми дојдоа Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Фрчкоски и Јане Миноски. Тие мои гости зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да си дадам оставкa. Не ги разбирам овие луѓе Стојане, ако нè тргнат нас двајцата и останат сами на власта, сосема е јасно како ќе владеат…“.

Андов открива дека имале несогласувања со експремиерот Бранко Црвенковски, но особено со тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски. Глигоров сметал дека Андов е човекот што треба да го наследи на функцијата – претседател на државата, но Андов сметал дека тогашниот претседател избрзал со споменување на неговото име.

„Му реков доста остро на Киро дека избрзал изговорајќи го моето име. Си помислив, тој добро знае дека ја компликувал ситуацијата и во концепцијата на тие луѓе сега ќе се јави потреба како и мене, покрај Киро, да ме отстранат од политиката. Тие очигледно беа решени оваа група, која ја контролира државата, да го отсрани секој глас што може да има влијание во јавнсота. Двајцата се надевавме дека таа залетаност на групата ќе престане. И сите да ги решаваме пробелмите на земјата…“ , стои во книгата која вечерва доби најмногу внимание.

Андов пишува и за атентатот врз Глигоров кога отишол да го посети претседателот во болница. По посетата на Глигоров, Андов, како што пишува во книгата, заминал во својот кабинет, каде што го повикал Црвенковски. Тој пристигнал тогашниот со министерот за здравство, Илија Филипче, министерот за правда, Владо Поповски, и уште двајца други, но меѓу нив не бил и министерот Фрчкоски.

„Ми привлече внимание тоа што за време на нашиот разговор ми се јави Слободан Милошевиќ. Стојане, што се случува со Глигоров таму кај вас? Му кажав дека Глигоров е жртва на големо злосторство, но првите оценки на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може да помогне… Ми падна во очи што на оваа наша средба не е министерот за внтарешни работи Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски? Тој ми рече дека не знае точно каде е, но некој му кажал дека министерот заминал накај Крива Паланка. Невозможна и многу сомнителна работа“, пишува Андов.

На промоцијата говореа и академик Владо Камбовски, писателот Блаже Миневски, амбасадорот Љупчо Арсовски, како и надворешнополитичкиот коментатор Љубомир Гајдов. Меѓу другото, Гајдов говореше за атентатот на покојниот Киро Глигоров. Откри шокантни детали за начинот на кој тогаш постапувал Фрчкоски, како министер за внатрешни работи. Раскажа што тогаш дознал од моќни луѓе со богати сознанија.

-Одма по атентатот, три истоветни телеграми дојдоа од Вашингтон од ЦИА, од Лондон и од Минхен. Пишуваше „Ништо не пипајте, доаѓаат нашите експерти“. Ама вашиот министер на полиција го однесе Мерцедесот во непознат правец, после 120 минути. Зошто, прашав јас наивно. Тој е мозок на атентатот, ми вели, обелодени Гајдов.

На Црвенковски, вели Гајдов, му барале да го смени Фрчкоски од министерското место.

Во колекцијата од десет томови застапени се книгите: „На мој начин“, „Моите патувања“, „Стравот и љубовта“, „Кицо Американецот“, „Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија“ ,„Приказната на Марија“, „Драматичната 1991 година“, „1992-година на опасни предизвици“, „Успеси и заговори -1993 година“ и „Пред атентатот и по него“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top