| четврток, 6 декември 2018 |

Покрај обвинителите, прислушувани и судиите

Покрај прислушкувањето на сите фиксни броеви од телефонскaта централа во Јавото обвинителство на Република Македонија, таков ист систем бил поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1, изјави вечерва премиерот Зоран Заев. Тој се надева дека истрагата ќе ги даде одговорите кој и зошто ги набавил, кој го користел, како и оти ќе има одговорност за тоа.

– Јас сум информиран во моментот кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е информиран за истрага, која е отпочната пролетта. Тоа точно ќе го каже јавниот обвинител кој ја водел истрагата. Се работи за систем поставен во централата за внатрешната комуникација во Јавното обвинителство. Знам дека истоветен систем е поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1 и веројатно ќе кажат и каде се на друго место. Уште во далечната 2016 година, некаде тоа е користено, некаде не, истрагата ќе покаже кој тоа го користел, кој како го злоупотребил. Јас верувам дека веќе ги имаат сите наоди, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање за последните објави на Јавното обвинителство дека кај нив се пронадени хард дискови со прислушкувани разговори.

Ова пак, како што рече, претставува само уште еден доказ колку била упропастена Република Македонија.
– Ова се сериозни работи и нема играчки со вакви работи. Се работи за приватноста на луѓето, во конкретниов случај се следела комуникацијата внатре во самата институција, како комуницирале обвинители, истражители и сите што работат. Сето ова претставува само уште една потврда колку е руинирана Македонија, колку е важно правниот систем да го вратиме во државата, колку е важна борбата против корупцијата и борбата против целокупниот криминалитет во Република Македонија. Јас ги охрабрувам институциите да продолжат со вака одважни храбри изјави, храбри истраги се додека не станеме нормална земја, рече Заев.

Tој рече дека е важно да се понесе одговорност, да се казни секој оној што се дрзнал и да помисли, а не пак да вгради вакви системи наследени со што се нарушува приватната комуникација на граѓаните, без разлика дали е приватна или службена комуникација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top