| четврток, 6 декември 2018 |

Унгарија му порача на ЕП да не го пика носот каде не му е местото

Европскиот парламент нема никаква врска со екстрадицијата и азилот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија, a постапката за давање азил на Никола Груевски не е политичко, туку правно прашање, изјави Золтан Ковач, државен секретар за меѓународна комуникација во кабинетот на унгарскиот премиер Орбан.

Според Золтан, експремиерот Груевски е тој што ја одбранил Европа од тероризмот и мигрантите.

Европскиот парламент “не треба да го пика носот каде што не му е место”. Тие немаат никаква врска со овој процес и на ова сакаат да гледаат како на политичко прашање. Мнозинството европратеници гласаа за резолуцијата, иако немаат никаква врска со случајот Груевски.

Европскиот парламент во вчера усвоениот извештај за земјава побара од Унгарија да го екстрадира поранешниот премиер и констатираше дека чинот на давање азил претставува мешање во внатрешните работи на Македонија.

Иако поминаа речиси три недели, во јавноста се уште нема детали за начинот на кој Груевски ја напуштил земјава и дали некој ќе понесе одговорност за тоа.

Од обвинителството информираат дека се прибрани снимки од камери на граничните премини, од пред зградата на Груевски и од соседството, а се бараат известувања и од институции и податоци од банките. Сеуште во тек е предистражана постапка која треба да утврди дали некој му помогнал на Груевски да ја напушти територијата на Македонија и како заминал од државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top