| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Не смее да ни падне на памет да влијаеме на правосудството за 27 април

Помирувањето во Собранието нема да ги опфати директните учесници и организаторите на насилството на 27 април. Тоа денеска го потврди премиерот Зоран Заев по завршување на седницата на координативното тело за помирување и интеграција во Собранието на која и тој присуствуваше.

Премиерот Заев порача дека не смее да се преминат црвените линии за настаните од 27 април и дека треба да се напрви јасна дистинкција во законското решение за кое денеска постигнале согласност на координативното тело затоа што со терористичко загрозување на уставниот поредок не треба да бидат опфатени сите што учествувале во настаните од 27 април.

– Покажавме политичка волја дека сме подготвени за еден ваков чекор. Мора да се направи дистинкција што е насилство, а што не е насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен – додаде премиерот.

На новинарско прашање за правецот и рамките на помирувањето Заев, уште еднаш повтори дека ќе има разграничување во настаните од 27 април, алудирајќи на тоа дека организаторите и насилниците нема да бидат дел од предвиденото помирување.

Тој додаде дека работата во собраниското тело треба да се остави на правните тимови кои под раководство на посебни групи кои претходно беа формирани во собраниското тело, ќе ги направат следните чекори.

– Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер, но црвените линии не смеат да се поминуваат, што е многу важно за да не ни падне на памет да влијаеме врз правосудниот систем. Реформите и независноста на судството се многу важен императив во евроинтеграциските процеси за влез во НАТО и во ЕУ – изјави Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакција

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top