Кога македонскиот јазик се титлува со македонски превод
Речиси за сто дена од изборот за претседател на некогаш моќната партија, градоначалникот на Струмица оствари неколку важни цели во својата кариера. Некои го постигнуваат тоа за цел еден век, некому му се потребни децении и години. Зоран Заев тоа го стори за помалку од три месеци.

Прво, Заев им се придружи на Аристотел, Платон, Макијавели и останатите врвни теоретичари на политичката мисла. Со својата идеја за„на, во национален идентитет“, Заев внесе свежина во политичкататеорија. И граѓаните, но и професори од врвни светски универзитети каде што се изучува идентитетот сега очекуваат дообјаснување што точно значи оваа кованица на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз. Дали се работи за нов вид синтакса се запрашаа врвните јазичари? Возбудено е и литературното крило на МАНУ. Како никој досега не се сетил вомакедонскиот јазик да користи предлози во ваква комбинација? Одговори се бараат и за начинот на кој прес-службата на СДСМ оваа досега невидена, веројатно и генијална, конструкција ја претстави како сосема нормална работа.
Втората важна работа што ја оствари Заев во овие недели откако стана лидер е тоа што со неверојатна леснотија докажа дека сите негови претходни гафови, небулози, закани за пукање, канибалистички испади и други вербални испади не биле случајни, туку дека тој работи по систем кој нема намера да го менува. Заев, и особено неговата партија, всушност, ни најавија дека и во иднина секогаш кога говори Заев, медиумите, а и граѓаните, треба да се консултираат со јазичари, психолози, нутриционисти и други видови експерти пред да се донесе вредносен или каков било друг суд за неговите пораки. Што ќе се случи кога еден ден, ако стане премиер, Заев отиде во Ватикан, на пример, и каже дека папата порано живеел на Бихаќка? Како ли СДСМ ќе го оправда својот лидер кога на некој иден, на пример, американски претседател му каже дека идол му била Сара Пејлин, која, како и тој, во високата политика дошла од мало место? Овие замислени варијанти на испади на Заев не се толку неверојатни по сето тоа што го видовме досега од него.
И, конечно, третата работа што ја докажа Заев последниве месеци е дека тој низ македонските политички сцили и харибди ќе мора да плови сам. Ќе ја нема поддршката од интелектуалната и маркетиншка инфраструктура, која би требало да ја има најголемата опозициска партија, како што е ред во секоја нормална земја. Аматерското однесување на комуникацискиот центар на СДСМ, кој по последните небулозни закани за тужби и тврдењето дека Заев употребил непостојна, нелогична, неписмена, па, ако сакате, и глупава конструкција од зборови, јасно му порача дека е оставен на цедило и дека ако сака да добие поддршка, ќе мора да ја наведне „кичмата“, да заборави дека може да биде новиот Бранко и да се согласи да биде убавото, но не и главното и најумното лице на новиот СДСМ. Без притоа да се занесува дека тој ќе биде човекот околу кој ќе се врти сè во партијата, нешто за што му се лути многумина откако убедливо победи на претпоследниот конгрес на СДСМ.
Што се однесува до непримерните конструкции на СДСМ дека „Република“ е дел од некаква медиумска кампања, која намерно и со план ги извртела зборовите на Заев, ќе го потсетиме портпаролот на СДСМ и неговите наредбодавци дека најмалку во половината од првите 44 броја на неделникот беа објавени интервјуа со високи претставници на СДСМ, луѓе што важат или важеле за блиски на партијата, луѓе што биле во коалиција со СДСМ или интелектуалци што идеолошки или на друг начин се идентификуваат во јавноста како гласноговорници на најголемата опозициска партија. Дополнително, речиси во секој број на неделникот преку изјави за текстови или цитирање од други медиуми се присутни огромен дел од луѓето наведени претходно.
Сепак, без разлика на грубите и непримерни лаги што во случајов ги користи партијата, „Република“ и натаму ќе остане отворена за сè што имаат да кажат опозицијата и СДСМ, како најсилен дел од неа. Потребата од дебата и аргументи за секоја тема од интерес за граѓаните е доволна за да ги простиме хаосот и злобата што ја покажа СДСМ. Така ќе остане и по најавената тужба и судска разврска. Како и секој друг медиум, кој мака мачи да функционира во тешката медиумска состојба, не посакувамеда се влечеме по судови, но бидејќи знаеме дека не се работи за наша грешка, подготвени сме на правна разврска. На процес во кој Заев, исто како и одговорните во „Република“, ќе мора да одговори на многу прашања. Првото, бездруго, ќе биде што е тоа „на, во национален идентитет“ и како дошол до таква конструкција.
„Република“ се извинува.
Новиот лидер на опозицијата, Зоран Заев, кој за себе смета дека „не бил паднат од небо“ на политичката сцена, речиси во секое јавно појавување кажува по некој гаф за кој подоцна се правда. Но, очигледно, овој пат се надмина себеси. Сепак, иако „конструкцијата“ сам си ја измисли, затоа реши да го обвини медиумот кој му го објави интервјуто интегрално, без никакви корекции и кратења. Да, признаваме дека сме виновни што го објавивме интервјуто од прв до последен збор! И, да виновни сме што не користевме криптолог за да ја дешифрираме неговата изјава! Но, ако Заев и неговите советници за односи со медиумите обвинуваат за непочитување на новинарските стандарди, доблесно е да објаснат и што точно значи неговата коректно пренесена изјава.
Од нив веќе речиси една недела чекаме одговор зошто пред излегувањето во продажба на неделникот не одговорија на ЧЕТИРИ наши телефонски повици? Исто така, чекаме одговор и на прашањето зошто ако им била толку очигледна нашата намера да го извалкале името на нивниот лидер, реагираат по цели пет дена, а интервјуто исто толку дена им стои објавено на веб-сајтот на СДСМ? Не им е лесно и на неговите партиски соработници со ваков лидер. Им требаше дури пет дена да ја дешифрираат конструкцијата на реченицата на лидерот. И не може човек да им забележи што им требало толку време! На крајот, дури морале и да ја титлуваат видеоизјавата за да го убедат народот дека кажал нешто што не се ни обидоа да го објаснат што значи. Најтешко му е на народот. Зар во иднина ќе треба граѓаните да ги следат изјавите на Заев со превод? Ако тој не знае јасно и гласно да си го каже својот став во врска со најголемиот проблем на македонскиот народ во неговата понова историја, тогаш тоа е негов личен проблем и нема зошто да им се лути ниту на медиумите ниту на новинарите. Едноставно, ако постои некаква грешка, таа е негова и за тоа непринципиелно е да обвинува други.
Кој му го тоа на Заев направи?
Добро информирани извори на „Република“ за состојбите во СДСМ не исклучуваат дека аматерската одлука на партијата по цели пет дена да реагира на веќе заборавено прашање ја поврзуваат со обидот на дел од неговите соработници дефинитивно да го убедат дека тој не треба да биде ударната тупаница во јавната комуникација на партијата. По неколкуте гафови на струмичкиот градоначалник, со кои тој го доби епитетот „мистер грешка“, дел од новото највисоко раководство на СДСМ смета дека Заев треба повеќе да работи на терен и на структурно зајакнување на партијата, а помалку да излегува на интервјуа и да ризикува да биде погрешно разбран како што тоа досега неприфатливо му се случи повеќе пати. Има и такви што сметаат дека одлуката на партијата да организира прес-конференција и да се заканува со тужби е дело на дел од приврзаниците на Црвенковски кои сè уште не можат да го поднесат Заев и поради тоа струмичанецот од партијата што ја раководи беше претставен како мало дете, кое не знае што зборува и затоа е потребно да се толкува, титлува, крати, дотерува за да може да го разбере обичен човек. Изворите на „Република“, кои во изминативе неколку месеци беа во право за состојбите во СДСМ речиси 90 проценти, овој пат тврдат дека Заев сè уште не е свесен дека случајно или намерно партијата што ја води, со објаснување дека сака да го заштити, всушност, му нанесе тежок удар прикажувајќи го како недоветен политичар кој треба да биде дообјаснет од партискиот портпарол.
Р.Р.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


