| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Ристовски даде пример за тоа како се бранат државните интереси

Со длабока болка и тага ја примив веста за смртта на познатиот македонски историчар и филолог, академик Блаже Ристовски, стои во телеграмата со сочуство која ја упати претседателот Ѓорѓе Иванов по повод смртта на академикот.

– Иако во овие тажни мигови не постојат зборови со кои може да се надомести загубата, дозволете ми да ви изразам најискрено и најдлабоко сочувство. Академик Блаже Ристовски целиот свој работен век го помина во научно проучување на историскиот и културен развој на идејата за создавање на слободна македонска држава, се наведува во телеграмата на македонскиот претседател.

Во неа се додава дека Ристовски објавил повеќе книги и стотици научни статии за развитокот на македонската културно-национална мисла, во кои одново до читателите го приближил животот и делото на најзначајните македонски културни дејци, како што е Крсте Петков Мисирков.

– Како потпретседател на првата влада на независна Република Македонија, тој даде пример за тоа како се бранат државните интереси. Тој беше пример на ангажиран интелектуалец кој имаше храброст да зборува и за најтешките прашања за Република Македонија“, пишува Иванов во телеграмата.

Македонскиот претседател истакнува дека смртта на Ристовски е загуба за научниот и академискиот свет, но и за Република Македонија.

– Ќе ни недостасуваат неговите мудри совети исполнети со длабока промисленост за македонската кауза. Вечно ќе сме благодарни за творештвото кое ни го остави, за сè што напиша, создаде и инспирираше, наведува Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top