| четврток, 6 декември 2018 |

Ниту една македонска телевизија нема да го пренесува ракометното СП!

На почетокот на сезоната се крена голема прашина кога ниту една македонска телевизија не ги откупи ТВ правата за натпреварите од Лигата на шампионите, иако имаме два претставника – Металург и Вардар.

Ракометните вљубеници негодуваа за оваа настаната ситуација и мораа да се снаоѓаат како што знаат и умеат. Мораа да бараат линкови на интернет, мораа да доплаќаат дополнителни пакети на кабелските оператори, или да ги посетуваат локалните кафулиња…

Слична ситуација ќе биде и во јануари, кога нашата репрезентација ќе игра на Светското првенство во Германија. Ракометните вљубеници ќе можат да ги следат натпреварите против Бахреин, Јапонија, Хрватска, Исланд и Шпанија само на Арена ТВ која ги откупи ексклузивните права за пренос на територијата на Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија. Тоа за 24Ракомет го потврдија од регионалната спортска мрежа Арена спорт.

Засега ниту една од македонските телевизии не била ниту блиску да ги откупи правата. Сепак последна шанса за македонските гледачи би бил евентуалниот секундарен пакет на ТВ права, кој ќе ги вклучува само натпреварите на македонската селекција, но за такво сценарио засега нема најава.

Гледачите ќе бидат ускратени да слушаат коментар на македонски јазик, освен ако носителот на ТВ правата за Мундијалот не се одлучи во последен момент да ги доближи условите за македонските телевизии во последен обид да го покрие комплетниот македонски телевизиски простор.

Слично ќе биде и во Србија како и Хрватска, каде што по повеќе години, натпреварите на “коцкестите” нема да бидат пренесувани на РТЛ.

извор: 24ракомет

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top