| четврток, 6 декември 2018 |

Чоревски за Мите Грозданов на комеморацијата: Тој ќе остане ненадминат во својата професија

Мите Грозданов беше духовен водич на Театар Македонија, каде што како педагог и режисер – учител низ неговите раце поминале многу млади, талентирани актери, рече Благој Чоревски денеска на комеморацијата во чест на Мите Грозданов, кој почина на 75 години.

Комеморацијата се одржа во Драмски театар, матичната куќа на Грозданов во која тој беше член од 1968 година. На самиот старт на сцената на Драмски во „Партитурата за еден Мирон“ го откри својот богат, раскошен талент, уникатен и универзален, допирлив и разбирлив. Во годините што минуваа Мите Грозданов на сцената на Драмскиот театар оствари 70-тина улоги и уште се во сеќавање неговите сценски реализации во: „Мајка“ од Виткиевич, „Грдиот Нарцис“ од Арсовски, „Јане Задрогаз“ од Стефановски, „Татко“ од Стринберг и т.н..

За своите креации многупати е почествуван со признанија и награди како „Златен ловоров венец“ на Фестивалот МЕСС, а двапати е наградуван на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Дел од својата нескротлива енергија ја реализира и со повремени гостувања како инспиратор, режисер и актер во театрите во Струмица, Скопје, Кочани, Гевгелија, Кавадарци, Куманово и други места, неуморно реализирајќи и институциопнални и независни театарски проекти.

– Мите Грозданов беше, е и ќе остане ненадминат во својата професија. Тој беше првиот македонски актер кој ја освои престижната југословенска награда „Златен ловоров венец“ во 1968 за главната улога во претставата „Партитура за еден Мирон – рече Чоревски набројувајќи ги големиот број награди со кои се закити Грозданов, притоа споменувајќи дека во 2017 година Грозданов го одбележал и 50-годишниот јубилеј на професионална кариера со претставата “Од инат, заинат, поинат“ во Драмскиот театар.

За Бранко Ставрев актерите никогаш не умираат, тие кристализираат во споменот, што е јадрото на човековото живеење.

– Љубопитството на Мите ѕирна и во поетиката на Еврипид, и во трагедијата на фамозниот Вилијам, и во системот на Станиславски, и во малиот органон на Брехт, и во комедијата дел арте на Руцанте… и во апсурдниот театар на Мрожек, Бекет, Јонеско или Пинтер… – рече Ставрев истакнувајќи дека кога Мите Грозданов не глумел професионално, режирал аматерски, кога не режирал, ја пишувал неговата поетска “Трилогија“, кога не пишувал, пеел тешки песни, а кога не пеел, играл монодрами.

– И не, немаше едно чудо професии, имаше само една – беше глумец! А тоа соединува се: и сиот живот, и сите вештини на светот“, истакна Ставрев посочувајќи дека во животната битка ако на актерот му го одземеш зборот, сепак не можеш да му го одземеш паметењето, и сеќавањата и спомените за него – заврши Ставрев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top