| четврток, 6 декември 2018 |

Шилегов: Домовите кои не се во организираниот систем на затоплување придонесуваат за половина од загадувањето

Проблемот со загадувањето е резултат на повеќедецениска негрижа и не може да се реши поинаку освен со систем кој ќе ги таргетира корените, односно кој ќе гарантира промени на среден и на долг рок. Тој пристап подразбира активности на централната и на локалните власти, но и активно вклучување на НВО, Академијата, бизнис заедницата односно на сите засегнати граѓани. Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на отворањето на семинарот насловен „Скопје наспроти предизвиците на животната средина” организиран од Францускиот институт во Скопје.

Градот Скопје, додаде тој, изминативе 12 месеци посветено работеше на подобрување на животната средина во најголем дел на намалување на аерозагадувањето, на загадувањето на водите, почвата, но и бучавата.

– Мора да разбереме сите, особено во Скопје дека сите сме дел од проблемот и сите заедно мораме да бидеме дел од решението. 70.000 домови што се надвор од организираниот систем на затоплување се главен извор на загадувањето и придонесуваат до 53 проценти во аерозагадувањето. Од 39 мерки кои ги потпишав со граѓанските организации во текот на предизборната кампања изминатата година остварени се 17, започнати се 12, а пет не се во надлежност на градот. Јас сум спремен со секој да разговарам квалитетно, а не политикантски. Отворени сме за сите критики и сите сугестии. Лично сум посветен на заложбите за чист воздух и здрава животна средина оти нема ништо поважно од нашето задравје, здравјето на нашите деца и од здрава животна средина, рече Шилегов.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули истакна дека работите во животната средина не се решаваат со популизам, туку врз база на научни сознанија и факти, а планот на Владата за справување со аерозагадувањето е прв реален и кредибилен документ кој носи решенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top