Работникот што доживеа мозочен удар на пат кон пештерата Горен Змејовец на носила беше транспортиран по козја патека откако по телефонскиот повик на екипата ѝ беше кажано дека не може да се обезбеди хеликоптер.
Драматична борба за живот се случи завчера на ридот Kраставец кај Демир Kапија кога еден од членовите на археолошката екипа доживеа мозочен удар на пат кон пештерата Горен Змејовец. Несреќниот член на екипата во несвест беше носен на носила низ беспаќе по тешко проодна козја патека откако по телефонскиот повик на екипата ѝ беше кажано дека не може да биде обезбеден хеликоптер за транспорт до болница.
Тој беше дел од групата предводена од доцент д-р Марјан Јованов од Филозофскиот факултет, а во која има музејски работници и работници што работат на археолошките ископувања во пештерата. Несреќата се случи на половина пат кон пештерата до која требаше да пропешачиме околу 3 часа. При една пауза несреќниот шеесетгодишен човек, вработен во музеј, одеднаш се навали на десната страна и почна да се грчи. Останатите во екипата веднаш почнаа да вртат телефони за да се обезбеди медицинска помош. По неколку свртени телефони беше јасно дека во тој момент не може да се обезбеди хеликоптер со кој би можело човекот да биде префрлен во болница. Се алармираа брзата помош од Неготино, граничната полиција од Kавадарци, Специјалниот завод од Демир Kапија. Нивните екипи веднаш тргнаа за да помогнат. Но, се работи за беспаќе, тешкопрооден терен. Додека да стигне помошта, на несреќниот член на екипата на секаков можен начин се обидувавме да му помогнеме.
– Издржи, другару мој, повторно заедно ќе одиме на терен по археолошките локалитети, само издржи – го бодреше Јованов својот пријател кој е негов соработник во проектот за арехеолошко истражување на пештерата.
Откако човекот беше однесен во кавадаречката болница, а веднаш потоа на Kлиниката за неврологија во Скопје, Јованов со солзи се заблагодари на помошта на луѓето од групата со која се движевме кон пештерата, брзата помош, граничната полиција и заводот, како и пожарникарот и шумските работници и поединци кои дојдоа да помогнат.
На Kлиниката за неврологија завчеравечер потврди за „Дневник“ дека човекот преживеал мозочен удар, дека бил во свесна, но не контактибилна состојба.
Проектот, чиј раководител е Јованов од Институтот за историја на уметноста со археологија, е финансиран од Министерството за култура. Неговата реализација е преку Филозофскиот факултет и Домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Kапија.
– Патот до пештерата е најтешкиот терен од сите што сум ги минал во животот. Непристапен е и најтешко ми е да работам на овој проект токму поради физички најтешко достапниот локалитет – призна Јованов.
Сепак, професорот нагласи дека станува збор за еден од најатрактивните локалитети во Република Македонија, кој претставува природна реткост дополнета со археолошки остатоци.
– Токму затоа сметам дека обезбедувањето соодветен пат до овој атрактивен локалитет ќе го доближи повеќе до алтернативните туристи – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.