| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија ја затвора Агенцијата за Бугарите во странство, до пасош на нов начин

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов најави дека Владата планира да ја затвори Државната агенција за Бугарите во странство, по скандалот со незаконско издавање на бугарски државјанства на странци.

– Задолжив неколкумина од колегите да размислат како да ја затвориме Агенцијата за Бугарите во странство. Тука се Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и Претседателството. Тоа се трите институции, што ќе се произнесат по ова прашање – изјави Борисов.

Според бугарската Влада, надлежностите што сега ги има Агенцијата можат да се поделат на неколку други државни институции.

Обвинителството на Бугарија минатиот месец започна истрага против службеници во Агенцијата во врска со наводите за корупција и злоупотреби при издавањето на бугарски државјанства на странци.

Во врска со овие сомнежи на 31 октомври беа приведени претседателот на Агенцијата, Петар Харалампиев и 19 нејзини службеници. По првичната истрага, обвиненија беа покренати само против Харалампиев, главниот секретар на Агенцијата, Красимир Томов и против уште две лица.

При претресот на просториите на Агенцијата во сефот на Томов беа пронајдени над половина милионин лева (околу 250.000 евра) во готовина.

Според в.д. раководителот на бугарското Специјалното јавно обвинителство, Димитар Петров доказите до кои е дојдено во истрагата се неспорни.

Борисов минатата недела им наложи на Министерството за внатрешни работи и на Државната агенција за национална безбедност да извршат проверка на бугарските патни документи издадени на странци во последните пет години.

Тој воедно побара итна истрага за начините на кои се издавале бугарските пасоши на странци.

Во меѓу време, бугарските медиуми јавуваат дека и денеска пред Агенцијата за Бугарите во странство имало редица на странци кои чекале да поднесат документи за добивање на бугарско државјанство, меѓу кои и голем број македонски државјани.

Тие, како што наведуваат медиумите, се пожалиле дека не можат да поднесат барања за државјанство поради скандалот во Агенцијата и истрагата за корупција во неа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top