| четврток, 6 декември 2018 |

Божиновски: Немам сметка во странство, туку болна сопруга дома и две малолетни деца за кои се грижам

Во скопска Апелација се одржа јавна седница по жалбата за притворот на обвинетиот поранешен генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Обвинетиот Кирил Божиновски пред тројцата судии на Апелацискиот суд тврдеше дека немал намера да бега, туку да се грижи за своето семејство и за сопругата која е со нарушено здравје.

-Одговорно тврдам дека немам ниедна банкарска сметка во странство, туку само една сметка во Македонија, рече поранешниот генсек на Владата Кирил Божиновски. Тој посочи дека го осудил бегството на Груевски и оти немал средба со претседателот Ѓорѓе Иванов.

Адвокатката на Божиновски Сања Алексиќ посочи дека решението за притвор за Кирил Божиновски е исто како и решението за ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Таа рече дека сопругата на Кирил е со нарушена здравствена состојба и дека обвинетиот има две деца за кои треба да се грижи.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека станува збор за „копи-пејст“ решенија каде само се променети податоците со обвинетиот Миле Јанакиески. Тој додаде дека редовно неговиот клиент се јавувал во судот.

-Божиновски не беше ниту во кафеана, ниту со родителите, туку беше дома со своите деца. Ова ли е постапување на лице кое сака да бега?, праша адвокатот Миланов.

Обвинителката Лиле Стефанова рече дека останува на ставот оти притворот за обвинетиот Кирил Божиновски е оправдан и решението на Кривичниот совет е законско.

Божиновски е осомничен и во истрагата за „Талир“, освен за обвинението за “Титаник”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top