| четврток, 6 декември 2018 |

Филипче: Наскоро тендер за набавка на реагенси

При крај сме со подготовките за тендерот за набавка на лабораториски реагенси, правиме финални консултации и се надевам за недела две ќе се објави постапката, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека со новиот тендер ќе се заштедат пет шест милиони евра (15 отсто) од сегашната сума што се троши. – Сметаме дека на износ од 35, 36 милиони евра за три години ќе заштедиме најмалку пет шест милиони, а тие пари ќе ги инвестираме назад во здравствениот систем пред се во платите, но и подобрување на опремата и на инфраструктурата, рече Филипче.

Најави нов систем на функционирање на лабораториите во здравствените установи со цел да се воспостави поквалитетен лабораториски систем, да се направи голема заштеда, а тоа да го почувствуваат пациентите.

– Се планира систем на транспорт на крв ќе функционира во рамки на градовите, нема да има осум централни лаборатории и систем за транспорт на крв низ државата, ниту повеќе лаборатории во две или три места во помалите места. Пациентите како и досега ќе може да извадат крв, на пример во Здравствениот дом, а таа ќе се транспортира до болницата, што е многу мала дистанца, со што значително ќе се намалат трошоците. Во Штип има лабораторија и во болницата, и во Здравствениот дом и во Центарот за јавно здравје, што е несоодветно, прескапо за еден ваков систем за да може да се одржува, рече Филипче.

Посочи дека во Скопје ќе има лаборатории во големите болници, централна лабораторија во Клиничкиот центар, во ГОБ „8 Септември“, во Старата градска болница, а бројот на лаборатории во Здравствениот дом во амбулантите ќе се преполови од 11 на пет или шест. При тоа, нагласи, лабораториите во поликлиниките во рамки на Здравствениот дом ќе бидат распределени таму каде ќе бидат пунктовите каде веројатно од јануари ќе има дежурни служби пред се педијатри за да се намали притисокот кон Детската клиника во Скопје, а на сите други места до најблиската поликлиника ќе биде организиран транспорт.

– Планираме да направиме постапка во која ќе бидат имплементирани сите сугестии на второстепената комисија за јавни набавки, ќе има повеќе лотови, ќе биде деллива и отворена за компетитивно да учествуваат повеќе економски оператори, рече Филипче.

Во рамки на таа постапка, потенцира, ќе се направи лот за компјутерски систем кој ќе го следи трошењето на реагенсите, вкупната количина на резерва со која располагаат јавните здравствени установи, а врз основа на тоа ќе има комплетен увид во потрошувачката и во буџетите кои сега се трошат во сите ЈЗУ.

Потенцира дека планираат со постапка да побараат бесплатни апарати, како што сега прават економските оператори, а за да се трошат нивните материјали и сервисот да биде бесплатен. Со тоа, појасни, државата ќе добие бесплатни апарати, сервис, за што сега се троши дополнителна сума од буџетот надвор од оваа за реагенси, што не можеме да ја исконтролираме и сето тоа да биде значајна заштеда.

– Пациентите ќе бидат упатувани на истите места каде и досега биле упатувани, ќе останат службите за лаборантите кои ќе вадат крв и таа соодветно ќе се транспортира. Пациентите нема да се упатуваат во приватните амбуланти во малите места. Нема да има отпуштања од работа. Во Клиничкиот центар ќе има голема лабораторија на Институтот за биохемија, каде и сега се носи крвта и ќе има специфични анализи само на одредени клиники на тие кои прават анализи специфични за својата патологија во областа на гинекологијата, инфективните болести…Ќе остане лабораторијата на Хирушките клиники, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top